Кои се дебитантите на 29. издание на Меѓународниот музички фестивал „Охрид фест 2022“?Мила, Никола и Марија по музичката патека на легендарниот Тоше

264

Среќни, пресреќни се што ќе зачекорат по музичката патека на легендарниот Тоше Проески, кој во 1998 година, на „Охрид фест“ настапи со хитот „Усни на усни“. Тогаш Тоше се вивна во музичкиот естраден врв не само во Македонија туку и пошироко, од Вардар, па до Триглав!

Сигурно е дека ќе ги памтите. Тие се специфични, оригинални, тоа се дебитантите на претстојниот музички интернационален фестивал „Охрид фест 2022“ – Марија, Никола и Мила. Фестивалот и ова лето ги афирмира и ги промовира новите имиња и им дава шанса да успеат на естрадната сцена, која не е ни малку лесна за да се направи добра кариера. А, тие се веќе среќни, пресреќни што ќе зачекорат по музичката патека на легендарниот Тоше Проески, кој во 1998 година, на „Охрид фест“ настапи со хитот „Усни на усни“. Тогаш Тоше се вивна во музичкиот естраден врв не само во Македонија туку и пошироко, од Вардар, па до Триглав.

Затоа цврсто веруваме дека ова 29. издание на фестивалот ќе биде многу успешно за Никола Зацески, Мила Николовска и за Марија Цветановска.

 

Мила Николовска е дипломиран соло-пејач и вљубеник во музиката откако знае за себе и настапот на „Охрид фест 2022“ особено ја радува.

– Голема чест ми е да пеам композиција од Давор Јордановски, човек кој има оставено голем белег во создавањето на безвременската музика – вели оваа убава девојка.

Мила потекнува од уметничко семејство, таа е ќерка на диригентот Саша Николовски-Ѓумар и Сања Шутевска, балетски кореограф. И покрај тоа што заврши во скопската гимназија „Орце Николов“, сосема „ја совлада“ музиката, па беше логично да продолжи во Музичката академија.

– Учествував во мјузиклот „Тајно моја“, каде што ја имав втората главна улога, а во моментов пеам во „Про арс“, професионален хор со кој снимам музика за „Netflix“ и со кој настапувам во Македонската филхармонија. Имам и бројни соло-настапи во Музејот на македонската борба, а учествував и на „Скопско лето“, каде што се пееја македонски евергрини. Настапив со оркестарот „Полифонија“, со прекрасните „Молчи, молчи, љубов моја“ и „Ко два диви елена“.

 

Никола Зацески има настапи на фестивали, концерти и на натпревари во Македонија, но и надвор од неа. Идниот настап, на „Охрид фест 2022“, му е прв, и токму затоа е уште поголем предизвик за него.

– Искрено, ќе ми биде особена чест и огромно задоволство да настапам на фестивал каков што е „Охрид фест“, бидејќи е со огромна традиција. Освен тоа, Охрид е еден од најубавите градови во Македонија и на Балканот. Песната се вика „Ни вино, ни солзи”, со музика и текст на Григор Копров, со кого ми е огромна чест да соработувам, а аранжманот е на Владимир Дојчиновски-Дојчин. Сите ние, како тим, сме возбудени да ја промовираме песната, која ја работевме со многу љубов, радост и со убава енергија. Тој ги покажал музичкиот талент и искрената љубов кон музиката (особено македонската) на најрана возраст. Свири пијано од десет години, средното музичко училиште го завршил во Битола, додека Факултетот за музичка уметност – во Скопје.

Уште за време на студирањето учествувал на многу интернационални музички натпревари во Русија, Полска, Франција, Шпанија и во Бугарија, освојувајќи голем број индивидуални награди и награди со хор. Гласовната едукација ја продолжил во Русија, Италија и во Австрија, каде што го усовршил оперското пеење, а потоа почнал да пее и поп и традиционална македонска музика. Музичкиот талент и, пред сè, љубовта кон македонската традиционална музика го одвеле во игроорството. Учествувал во фолк-ансамбли како игроорец солист, но и како кореограф. Како кореограф, соработувал со националниот македонски фолклорен ансамбл „Танец”, а во 2018 година, кога се преселил во Австралија, им се приклучил на австралискиот танцов ансамбл „Тоше”, „Бисер” и на „Бенџо академи”- како главен кореограф.

 

Марија Цветановска има 18 години и е ученичка во средното музичко училиште во својата сакана Битола. Уште од дете е со музиката. На осумгодишна возраст се појавила на сцената на детскиот фестивал „Си-до“ во Битола, но, како што ни раскажа, пеела и ја претставувала нашата држава на многубројни меѓународни фестивали.

– Имам освоено неколку први места, дури  и девет гран-прија на фестивали во Србија, Бугарија, Хрватска, Босна. Како најголеми успеси би ги издвоила: второто место на фестивалот на светско ниво – „Viva la Musica“ на Тенерифе, македонското талент шоу „Ѕвезда број 1“, каде што стигнав до самото финале и добив повеќе покани за учество и соработка, како и моето претставување на Македонија во финалето на „San Remo-Junior“ во Италија.

Додека бев мала, го издадов првото авторско цеде, а имам одржано и свој самостоен концерт. Имам 15 авторски песни. Освен пеењето, изучувам клавир веќе 10 години. Настапот на „Охрид фест 2022“, на сцената на Долни Сарај, е голема радост за мене. Мојот глас и песната надалеку ќе се слушнат. Ќе се претставам со песна од авторот Давор Јордановски.