Кои земји ги креваат рампите за Македонија?

Во тек се консултации меѓу земјите од регионот, кои се очекува да завршат деновиве по што ќе се знае кога дефинитивно Македонија ќе ги отвори границите, дали на почетокот или на средината на јуни и под кои услови ќе се патува. Се договара унифицираност при движењето на граѓаните од една во друга држава, за да не се доведеме во ситуација некои држави да бараат тест за ковид-19, а други не. Македонските граѓани засега ќе можат да патуваат во Србија, Црна Гора, Грција, Албанија, но не и во Хрватска

347

Со олеснувањето на мерките воведени поради пандемијата на ковид-19, земјите од ЕУ почнуваат да ги отвораат своите граници. Македонските граѓани засега ќе можат да патуваат во Србија, Црна Гора, Грција, Албанија, но не и во Хрватска.

Во тек се консултации меѓу земјите од регионот, кои се очекува да завршат деновиве по што ќе се знае кога дефинитивно Македонија ќе ги отвори границите, дали на почетокот или на средината на јуни и под кои услови ќе се патува. Се договара унифицираност при движењето на граѓаните од една во друга држава, за да не се доведеме во ситуација некои држави да бараат тест за ковид-19, а други не.

-Јас очекувам дека таков договор ќе биде постигнат и наскоро ќе може да носиме одлуки за отворање на границите за целиот овој регион, изјави техничкиот премер Оливер Спасовски.

На седницата во вторникот, на која македонските власти ги олабавија мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство да направи јасна и прецизна проценка за отворање на државните граници, како и да подготват соодветни протоколи за влез и излез на и од територија на Македонија.

-Сакам да напомнам дека оваа одлука ја правиме и врз основа на заедничката координација со земјите од регионот и со секоја од нив имаме одлична комуникација која најавува дека многу бргу патувањето во регионот ќе биде регулирано во интерес на граѓаните на сите земји, изјави тогаш Спасовски.

Шефовите на дипломатии на Македонија и Србија, Никола Димитров и Ивица Дачиќ, во четвртокот телефонски разговараа за борбата со здравствената криза, како и информации за епидемиолошката состојба во двете земји. Министрите разговараа и за плановите за натамошно ублажување на рестриктивните мерки, запазувајќи го јавното здравје.

-Министерот Дачиќ информираше дека веќе не е потребна посебна согласност за влез на странски државјани во Република Србија и дека преминувањето на српските граници, сега се одвива според вообичаен режим, соопштија од МНР.

За влез кај северниот сосед не е потребен негативен тест на ковид-19.

Македонските граѓани од понеделник, 1 јуни, ќе можат слободно да патуваат и во Црна Гора, откако земјата ја обнови листата на земји чии граѓани ќе можат да влезат на нејзина територија.

-Нема веќе карантин, ниту самоизолација, соопштија црногорските власти.

Покрај Македонија, тука се уште Косово, БИХ, Хрватска, Албанија, Словенија, Унгарија и Грција, но не и Србија. Правилото според кое се водат црногорските власти за дозвола на влез е да има помалку од 25 заразени со ковид-19 на 100.000 жители во соодветната земја или во земјата преку која посетителот влегува во Црна Гора. Србија на ова реагираше дека критериумите не се според епидемиолошката ситуација и дека во овој случај во Црна Гора не би требало да патуваат ниту Германци и Полјаци.

Но, македонските граѓани не се најдоа на листата на Хрватите. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во четвртокот соопшти дека Хрватска ги отвора границите за 10 земји, а Македонија не е меѓу нив. Хрватските граници остануваат затворени и за Србија и Црна Гора.

-Успеавме во првото полувреме да ја победиме епидемијата. Направивме план според кој би ја измениле одлуката за привремена забрана за поминување на граничните премини за државјани од низа земји за туризам.

Тоа би се однесувало на Словенија, Унгарија, Австрија, Чешка, Словачка, Естонија, Летонија, Литванија, Полска и Германија, наведе Пленковиќ.

Тој истакна дека листата ќе се проширува во согласност со ситуацијата.

Грчките граници ќе бидат отворени на 15 јуни и македонските граѓани ќе можат да патуваат кај јужниот сосед. Грција ги отвора границите само за граѓаните кои доаѓаат од Германија, Израел, Кипар, Балканот и балтичките држави. На туристите ќе им биде дозволено да влезат во Грција без негативен тест за ковид-19 или задолжителен карантин.

Албанија од понеделник ги отвора копнените граници со соседите – Косово, Македонија и Црна Гора, како и хотелските плажи, додека на плажите на целото крајбрежје туристи ќе може да престојуваат од 10 јуни.

Бугарија го најави отворањето на границата со Србија и Грција за 1 јуни.

Босна и Херцеговина ги отвори границите само за три држави – Србија, Црна Гора и Хрватска.

Одлуката за отворање на надворешните граници на ЕУ ќе биде донесена по 15 јуни со заедничка европска координација, потврди францускиот премиер Едуар Филип. Франција, според Филип, го поддржува повторното отворање на границите во ЕУ, откако најпрво се осврна на прашањето за надворешните граници кон Европската Унија, прецизирајќи дека европските земји ќе одлучат дали повторно ќе ги отворат на 15 јуни.

Унгарија веќе ги отвори своите граници со Романија, а од среда ги отвори со Словачка и Чешка, но со ограничувања. Италија планира да ги отвори своите граници на 3 јуни за граѓаните на ЕУ, Велика Британија, шенген-зоната, Андора и Монако. Шпанија ќе ги отвори своите граници за туристите на 1 јули. Француските граници остануваат затворени најмалку до 15 јуни, освен за граѓаните на ЕУ кои живеат во Франција, сезонски работници и државјани на ЕУ кои работат во Франција. Во Германија, проверките на границата со Австрија, Швајцарија, Франција и Данска и за патниците кои пристигнуваат со авион од Италија и Шпанија остануваат во сила до 15 јуни. Границите на Велика Британија во моментов се отворени. Од 8 јуни посетителите од странство ќе бидат ставени во 14-дневен карантин. Австрија планира целосно да ја отвори границата со Германија на 15 јуни. Чешка ги отвори своите граници со Германија и Австрија на 26 мај, и со Словачка и Унгарија на 27 мај, но со ограничувања. Холандските граници се отворени за оние кои патуваат во шенген-зоната, но препорачливо е да се избегнуваат сите патувања што не се потребни. Белгиските граници остануваат затворени.