Кое е мачето на Лиле Стефанова?

376

Остри тонови и навредливи зборови си разменија некогашните колешки во СЈО, обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова. На рочиштето за „Рекет“сведочеше обвинителката Стефанова, која потенцираше дека  специјалната обвинителка Катица Јанева никогаш не се мешала во нејзината работа, сè до декември 2018 година кога побарала да се даде позитивно мислење за одредување поблаги мерки за осомничените во предметот „Империја“. На прашања од одбраната на обвинетата Катица Јанева, обвинителката Стефанова рече Јанева, многу малку знаела за предметот „Империја”.

При крајот на рочиштето, обвинетата Катица Јанева по наредба на судијката Васка Николовска-Масевска беше отстранета од судница за недоличните зборови кои ги упати кон Стефанова.

По завршувањето на сведочењето на обвинителката Лиле Стефанова, полицајците и пријдоа да ја извадат од судницата, а Јанева, која претходно беше видно вознемирена, со смеење се обрати кон новинарите.

„Мачето ѝ го возев, затоа ли не ѝ чинам“, кажа Јанева.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева се до денес, на досегашните судења  постојано молчеше и не реагираше на ниедно сведоштво, а не го искористи ни еднаш правото за вкрстено испрашување.

Претходно, Стефанова откри дека не е во добри односи со поранешната шефица, како и други детали околу случајот „Империја“. Таа одговараше и на прашање во однос тоа кој знаел дека ќе се врши претрес кај Јордан Камчев.

– Информацијата дека ќе се врши претрес кај Јордан Камчев, не излезе од СЈО, туку однадвор. При претресот се најдоа нови телефони, штотуку ставени во употреба, рече Стефанова.

Во текот на сведочењето, Стефанова рече дека осомничените во предметот „Империја”, скоро секогаш успевале да дознаат што СЈО презема против нив. Посочи дека со обвинетата Катица Јанева, имало негодување при нејзиното барање да се прифатат поблаги мерки за Јордан Камчев, Сашо Мијалков и другите притворени лица во случајот „Империја”.

– Со силен глас ми се обрати, ти Лиле да му ја вратиш патната исправа на Јордан Камчев. Така ние почнавме со Бурим да ги изготвиме извештаите за наведените предмети, но со затворски казни, истакна Стефанова, која додаде дека се противела на ваквиот незаконски начин на затворање на предметите. Во своето сведочење Стефанова, кажа дека не го познава обвинетиот Бојан Јовановски, но дека го има видено во просториите на СЈО.

Поранешната шефица на СЈО, на 16 април 2019 побарала од Стефанова и Бурим Рустеми да изготват решенија за случаите „Империја” и „Поштенска банка”, за да се плати штета и да се затворат предметите.

Стефанова посочи дека судијката Добрила Кацарска, преку колега на обвинителката Лиле Стефанова, вршела притисок да не се одреди мерката притвор на осомничениот Јордан Камчев, за предметот „Империја“ и додаде дека имало притисок и од политичари.

– Точно е дека судијата Добрила Кацарска беше цел ден и ноќ во судот кога се одлучуваше за притворот на Камчев”, рече Стефанова, во прашање на одбраната на обвинетиот Бојан Јовановски.

Сведокот Стефанова, во нејзиното сведочење зборуваше и за Жарко Луковски, поранешниот директор на Телеком, кој почина минатата година. Според Стефанова, лицето Луковски, бил сведок во случајот „Империја”, а не осомничен.

-Тој имаше сознанија за работата на фирмите „Ексиско“ и „Финзи“, за предметот „Империја”, а осомничен беше во предметот „Базни станици”.

Следното рочиште за предметот „Рекет” е закажано за 28 јануари и е предвидено да продолжи со сведочење на обвинителот Бурим Рустеми.