Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се наоѓа во главниот ждреб на Индијан Велс, а како што пишуваат американските медиуми има три начини да се најде на турнирот во САД.

Невакцинирањето му прави сериозен проблем на Србинот, најдобро се виде на првиот грен-слем сезонава, Австралија опен, кога беше депортиран, но постојат неколку категории со кои би можел да влезе во земјата. Едната од нив е дека ја чека одлуката на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), а според правилата, во САД може да влезе само во случај да добие посебна дозвола која властите ја издаваат на лицата од национален интерес.

  • Новак Ѓоковиќ и официјално е на листата на пријавени за турнирот и поради тоа е дел од ждрепката. Моментно сме во комуникација со неговиот тим, но не е одлучено дали ќе учествува на турнирот бидејќи му е потребна дозвола за влез во државата, стои во официјалното соопштение на Индијан Велс.

Голема е веројатноста Ѓоковиќ да го пуштат во САД за вториот Мастерс кој почнува на 21 март во Мајами, иако поднесе пријава за настап и на Индијан Велс.

Токму поради ваквиот расплет на настаните многумина го осудија. Така, еден од најпознатите тениски новинари, Рики Дајмон, жестоко „удри“ по Ѓоковиќ затоа што е пријавен за турнирот во Индијан Велс.

  • Како на Новак Ѓоковиќ да му треба уште полош ПР, тоа што не се повлече од Индијан Велс пред ждрепката секако не е за пофалба. До кога ќе продолжи шоуто на овој кловн, напиша Дајмон на својот твитер-профил, што доведе до бурни реакции од фановите на српскиот тенисер.

Доколку Ѓоковиќ успее да ја добие потребната дозвола за влез во САД, во првото коло ќе биде слободен, додека во второто го чека подобриот од дуелот меѓу Австралиевот Џордан Томпсон и Белгиецот Давид Гофан.

Турнирот во Калифорнија стартува утре.