Кога ќе ги снема смрдеата и палежите од Вардариште?

681

Советници од Гази Баба сметаат дека изгласувањето на планот не значи ништо ако веднаш не се започне со ремедијација на просторот кој со децении служеше за фрлање на отпад, а дивото одлагање на отпадот продолжи и по официјалното затворање на депонијата. Фотографиите што беа споделени на Фејсбук во пресрет на гласањето на ДУП-от говорат дека овој простор од над 22 хектари и натаму ја загадува околината и воздухот, не само поради огромните ридови со најразличен отпад и градежен шут, туку и поради палежите што ги прават жителите – фантоми кои живеат таму беа никаква документација

Крај на повеќедеценискиот проблем со смрдеата и загаден воздух очекуваат жителите на Гази Баба, Ново Лисиче, Лисиче и Аеродром по изгласувањето на деталниот урбанистички план за ексдепонијата „Вардариште“ што денеска се најде како претпоследна точка на дневниот ред на седницата на Советот на општина Гази Баба. Со планот „ДУП за градска четврт СИ 09, блок 1, не се предвидени објекти за домување, туку парковско зеленило со водоснабдителна инфраструктура за полевање на зеленилото, а во седумте градежни парцели да се подигнат повеќенаменски спортски терени на отворено без трибини за фудбал, кошарка, ракомет, тенис, атлетика, одбојка, голф и слично.

Дел од советниците сметаат дека изгласувањето на планот не значи ништо ако веднаш не се започне со ремедијација на просторот кој со децении служеше за фрлање на отпад, а дивото одлагање на отпадот продолжи и по официјалното затворање на депонијата.

Фотографиите што беа споделени на Фејсбук во пресрет на гласањето на ДУП-от говорат дека овој простор од над 22 хектари и натаму ја загадува околината и воздухот, не само поради огромните ридови со најразличен отпад и градежен шут, туку и поради палежите што ги прават жителите – фантоми кои живеат таму беа никаква документација.

Советникот од редовите на Зелената партија – ДОМ, Дејан Димитровски е најгласниот од сите за што побрзо рекултивирање на „Вардариште“ и добивање урбан изглед на овој простор. Тој за весникот ВЕЧЕР изјави дека со своето возило често пати го посетува „Вардариште“ и дека купиштата со ѓубре секојдневно растат.

Според него, единствено решение е по донесувањето на ДУП-от веднаш да се започне со втората фаза, за која вели дека ќе биде потешката, а тоа е сите надлежни да ги засукаат ракавите и да се почне со ремедијација на земјиштето, што ќе биде основа, потоа, за привлекување на инвеститори кои би влегле во реализација на сè она што е предвидено со Планот.

– За да се исполни повеќедеценискиот сон на жителите на општина Гази Баба останува последната препрека. Како прво, тоа е изработка на техничка документација која треба да ја изготви Град Скопје заедно со Министерството за животна средина, а која ќе биде во склоп со Директивата за депонии на Европската Унија – вели Димитровски.

Според него, за да почне постапката за ремедијација на земјиштето потребно е да се направи геодетско снимање, па потоа изработка на Биотрнови преку кои ќе се исфрла гасот од телото на депонијата во атмосферата, а треба да се покриени со различни материјали за да не доаѓа до зголемување на влажноста на тоа земјиште и целиот исцедок од инертниот отпад побрзо се потроши преку почвата и ќе има помалку штета за сите земјишта во околината.

Смета дека треба веднаш да се прејде на реализација на овој проект, бидејќи со оставање на самостојната ремедијација на тоа земјиште може да се претвори во чекање од повеќе години, па и децении.

– Со самото тоа што има вцртано изградба на објекти за спортски намени и друго може да биде добра мамка за забрзување на оваа процедура од град Скопје за привлекување на инвестиции и со тоа подобра инвестиција во буџетот – смета Димитровски.

Градот Скопје може да го искористи искуството на градот Чачак во соседна Србија. Властите на овој град во август 2019 година почнаа со рекултивација на тамошната депонија која е со приближна површина како „Вардариште“.

Согласно дебелината на слоевите со отпад, тие просторот го поделиле во две зони со различни методи на санација. Пониските слоеви од 0 до 4 метри ги решаваат со контролирано отстранување на гасовите и рекултивација, додека подебелите слоеви со поставување на канали, водонепропусни фолии за спречување на течењето на исцедокот од отпадот и Биотрнови за евакуација на депониските гасови.

По завршување на овој тежок и скап процес, градските власти планираат таму да направат спортски игралишта и паркови.

(С.Бл.)