Кога се куси со пари,  Македонците го стегаат ременот, а ако мора да трошат, тука е  кредитната картичка

69

 

Кога ќе им снемаат пари, македонските граѓани намалуваат со трошењето. Тие се меѓу најбројните во регионот од оние кои преземаат таков чекор за да ја надминат дупката во семејниот буџет.

На ваква карактеристика на нашите граѓани упатува истражување на ОЕЦД и ИНФЕ чија цел е да се утврди финансиската писменост на жителите на Југоисточна Европа, односно на нашата држава, Романија, Црна Гора, Молдавија, Грузија, Хрватска и Бугарија.

Во тоа истражување дури 50,8 од македонските испитаници се изјасниле дека кога ќе им снемаат пари престануваат да трошат. Оваа карактеристика е поизразена само кај Молдавците, од кои тоа го прават 63,9 проценти. Кон стегање на ременот најмалку прибегнуваат Грузијците, од кои на тој начин со недостатокот на пари се справуваат само 16,1 процент.

Од македонските граѓани во истражувањето 60 проценти изјавиле дека во последните 12 месеци не им недостасувале пари, без потребните средства биле 37 проценти, а останатите рекле дека не знаат или не одговориле. Поголемо задоволство од финансиската состојба покажале само Хрватите, од кои 65 проценти рекле дека не им недостасувале пари.

Истражувањето на оваа тема уште покажува дека кога не сакаат да се задолжуваат следен чекор на македонските граѓани за да дојдат до потребните пари е прекувремена работа. Секој петти испитаник го навел тоа како решение на финансискиот проблем. Помош од семејството бараат 17,7 отсто, 10,7 проценти посегнуваат по заштедата, 10 проценти продаваат нешто од дома, а само 1,5 проценти бараат помош од државата.

Кога се позајмува, пак, во нашата држава пред сè се земаат пари од роднини, пријатели, блиски. Следен начин за решавање на финансискиот проблем е купување на неопходните производи на пишанка, потоа земање аванс на работа, а последен неопходен чекор е земање заем од штедилница.

Кога ќе се донесе одлука за некакво кредитирање, пак, предност се дава на трошењето на кредитната картичка. Најмалку се зема еднодневен заем.