Кога платата порасна за 449 денари, минималната кошница поскапе за 562 денари

Од близу 800 илјади вработени во државата околу 65 проценти имаат потпросечна плата, секој осми е на минимална од 15.200 денари, а само пет проценти ги имаат највисоките плати. На едно домаќинство му се потребни најмалку 1,5 до две просечни нето-плати, но и тие би ги овозможиле само најосновните потреби

422

„Блиску сме до просечна плата од 500 евра“. Како се ближат локалните избори оваа реченица сè почесто ја има во реториката на претставниците на владејачката СДСМ.

-Кога говориме за порастот на просечната плата, која требаше да изнесува 500 евра за еден четиригодишен мандат, ние сме многу блиску до реализација. На 1 јуни 2017 година СДСМ и Коалицијата ја формираше Владата и за овие четири години износот на минималната плата е зголемен за повеќе од 6.000 денари. Претходно во 2017 година просечната плата беше 22.000 денари, а таа сега изнесува 28.700 денари. Што значи, дека ние сме многу блиску до тие 500 евра, што беа наше изборно верување, вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Пандемијата, според неа, е виновна за тоа што македонските работници не земале во просек 500 евра уште лани ова време, кога се навршија четирите години од владеењето на СДСМ и коалицијата.

Просечната плата е битен статистички параметар за пресметки, на пример на покачувањето на пензиите, висината на К 15…, но на вработените, особено на оние 65 проценти со потпросечни плати таа не им значи апсолутно ништо. Дури и на вработените на кои им легнува на сметките им е малку за да ги задоволат основните потреби во текот на еден месец. Последните мерења на Сојузот на синдикатите на Македонија покажуваат дека и покрај растот и во јуни просечната плата не можела да ја наполни минималната кошница.

-Просечната нето-плата во месец мај 2021 година изнесувала 28.721 денари или е повисока за 449 денари од просечната нето-плата во месец јануари 2021 година, но, за жал, истата не го следи трендот на зголемување на синдикалната минимална кошница, која за периодот од јануари до јуни 2021 година, пораснала за 562 денари и изнесува 34.212,00 денари, а во истата нема никаков луксуз туку се однесува за четиричлено семејство, кое живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил, само за основните потреби и вклучува исхрана и пијалаци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, одржување и здравје. Во неа не се вклучени трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, не затоа што не се потребни, туку затоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци, вели за весникот ВЕЧЕР Слободан Трендафилов од ССМ.

Тој појаснува дека податоците со кои располага ССМ покажуваат дека  реално на едно семејно домаќинство му се потребни најмалку 1,5 до две просечни нето-плати, но и тие би ги овозможиле само најосновните потреби.

-Се надеваме дека во наредниот период со најавеното зголемување  на просечната плата, кое задолжително треба да го следи и зголемувањето на минималната плата, ќе се подигне стандардот на македонските работници, а потсетуваме дека зголемувањето на платите многу лесно може да се оствари доколку сите работодавачи ги почитуваат законите и колективните договори, преку  што и веднаш би се зголемиле платите на работниците, потенцира Трендафилов.

Според некои анализи, само 35 проценти од вработените во државата имаат плата колку просечната или поголема од неа. Најновите податоци од Државниот завод за статистика говорат дека платите ги билдаат само неколку дејности. Најдобро платени се вработените во ИТ-секторот, чии просечни месечни примања надминуваат 70.000 денари. Со повисоки плати може да се пофалат и вработените во финансиите, воздухопловството, фармацијата и уште неколку други. Или, највисоки плати имаат само пет проценти од вкупно околу 800 илјади вработени во државата.

Најниски просечни плати има во заштитните и истражните дејности, едвај над 16.000 денари. Со нето-плата до 18.000 денари се кожарите, конфекционерите, работниците во услугите поврзани со одржување згради и дејности на уредување и одржување на животната средина, вработените во угостителството.

Наспроти фалбите на власта дека наскоро просечната плата во државата ќе се заокружи на 500 евра, односно 30.000 денари, секој осми вработен, или околу 100 илјади ја примаат минималната плата која сега изнесува 15.200 денари, па за да се вклопат во очекуваниот просек, тие треба да работат два месеца. Затоа едно од барањата што ССМ и го испорача на Владата е минималната плата да изнесува најмалку 60 отсто  од просечната плата со образложение дека ниту просечната плата, ниту пак две минимални плати не се доволни  да ја покријат синдикалната минимална кошница.

-Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците на живот и цени, тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на синдикалната минимална кошница, предупредуваат од ССМ.

Оттаму велат дека на македонскиот работник му е потребна плата за живот, а не минимална плата и потсетуваат дека сè уште има несовесни работодавци кои во минималната плата ги вклучуваат и додатоците за минат труд, работа во смени, работа на празник и друго, што не е законски.

-Ако преку зачестени инспекциски контроли се санкционираат таквите работодавачи, многу лесно можеме да стигнеме и до многу повисока просечна нето-плата, како и до спирално зголемување на останатите ниски плати во наведените сектори, вели Трендафилов.

(С.В.)