Кога корупцијата ќе влезе низ врата, демократијата излегува низ прозорец! 

Најострите критики на сметка на македонските власти за корупцијата и владеењето на правото во земјава, изминатиот период пристигаат токму од Вашингтон и Брисел, кои вообичаено дипломатски се највоздржани во коментарите. По незадоволство од начинот на кој Ислам Абази стана шеф на обвинителството, американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер порача дека иако земјава чекори по патот кон ЕУ, токму корупцијата е таа што продолжува да го кочи напредокот. Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, потсети дека САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните официјални лица од Балканот и да се тргнат од одговорните позиции. Минатата недела и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир, упати критики до македонските власти дека Унијата потрошила милиони за владеењето на правото во земјава, но резултатите се разочарувачки

84
Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство, предупреди амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер. 

Ниту малку наивни не се критиките кои доаѓаат од меѓународната заедница изминатиот период во однос на корупцијата и владеењето на правото во земјава. Клучно, најострите реакции пристигнаа токму од Вашингтон и Брисел, кои вообичаено дипломатски се највоздржани во коментарите. По критиките за изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер во обраќање по повод одбележувањето на 30-годишнината од партнерството на УСАИД со Македонија порача дека иако земјава чекори по патот кон ЕУ, токму корупцијата е таа што продолжува да го кочи напредокот. Агелер истакна дека САД се горди на партнерството со Македонија во изминатите 30 години, во кои, рече, биле сведоци на значителни промени, но потенцира дека пред нас има уште многу предизвици.

-Соединетите Држави постојано ја поддржуваат целта на Северна Македонија да биде добро управувана, демократска земја, нудејќи еднакви можности за сите нејзини граѓани, уште од стекнувањето на независноста во 1991 година. Фокусот денес е на подобрување на економската продуктивност, поттикнување на младите да преземат активна улога во иднината на земјата и намалување на корупцијата. Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство, рече амбасадорката на САД во Македонија.

Заменик-помошникот, државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на настан посветен на евроатлантската иднина на регионот, одржан во Атлантскиот совет во Вашингтон потсети дека САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните официјални лица од Балканот и да се тргнат од одговорните позиции. Според него, тоа е важна и ефективна алатка. Не само што беше ефективно да се санкционираат поединци, туку, подвлече, ако погледнете дел од наративот што Министерството за финансии (на САД) го објавува заедно со одлуката, ќе ја видите длабочината на корупцијата.

– Северна Македонија ги направи сите неопходни реформи за да ја отвори првата врата кон ЕУ, а Владата има капацитет да го направи тоа што треба за земјата да стане полноправна членка на Унијата. Тие се добар и посветен партнер и ќе обезбедат придобивки и за ЕУ, рече Ескобар и порача дека Европската Унија ќе биде посилна и попросперитетна со Македонија и Албанија во клубот.

Во однос на борбата против корупцијата, македонскиот премиер Димитар Ковачевски рече дека Владата треба во рамки на своите надлежности да овозможи независно функционирање на судството и на обвинителството во државата.

– Во однос на заложбите на Владата, јас апсолутно ги поттикнувам сите кои се соочиле со одредени криминални, коруптивни пракси, веднаш да ги пријават кај сите надлежни институции што се задолжени за тоа и да одлучуваат судските и обвинителските органи нормално во согласност со закон во рамки на своите надлежности, нагласи премиерот.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, на вчерашниот брифинг со новинарите порача дека наредните години се години на расчистување конечно со корупцијата на сите можни нивоа. Тој се согласува дека Македонија има сериозен проблем со корупцијата на сите нивоа, не само на политичко.

 -Не се амбицирам, затоа што нема општество исчистено во целост од ова зло. Но, Северна Македонија мора и тој дел да го помине за навистина да биде пример држава не само во регионот, туку и пошироко. Ова е заедничка определба помеѓу нас и САД за засилена антикорупциска борба. Државата и ние апсолутно ги поддржуваме тие ставови на САД и очекуваме сериозна поддршка, рече Османи и појасни дека во рамки на стратешкиот дијалог САД досега дале 4,2 милиони евра само за поддршка антикорупциските политики.

Минатата недела и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир, упати критики до македонските власти дека Унијата потрошила милиони за владеењето на правото во земјава, но резултатите се разочарувачки. Гир порача дека Брисел и граѓаните со право очекуваат резултати и ургентно се потребни реформи во овој сектор. Претходно и амбасадорката Агелер изрази отворено незадоволство од начинот на кој Ислам Абази стана шеф на обвинителството што треба да ја предводи борбата против корупцијата и потенцираше дека таа и Амбасадата очекувале повеќе и поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите кои, пак, самите гласаа за шеф на ОЈО за ГОКК. (В.С.Н.)