Ковид кризата во предизборна кампања уште повеќе ќе ги подели граѓаните

Во оваа кампања, вели комуникологот Бојан Кордалов, апелирам партиите од власта и опозицијата, во рамки на кампањата за претстојните локални избори, да не ја повторат истата грешка и да намалат со "доживувањето" на тема коронавирус. -Ако ова не се примени и оваа кампања, штетите по граѓаните и државата ќе бидат несогледливо големи. Навистина е време да сфатиме дека поважно е здравјето на секој човек од победата на која било политичка партија, потенцира Кордалов во изјава за весникот ВЕЧЕР.

48

Партиите во претстојната кампања да ја заобиколуваат темата за ковид-19, апелираат комуниколозите на еден месец пред официјалниот старт на кампањата за локалните избори. Новите мерки, кампањата за вакцинација, справувањето со ковид кризата може уште повеќе да ги подели граѓаните, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР специјалистот за односи со јавност Бојан Кордалов, кој потсетува дека овие теми биле во фокусот и минатата година за време на кампањата за парламентарните избори.

-На минатогодишните избори предупредував дека ковид-19 не смее да биде тема во рамки на кампањата, особено не да ги двои и поларизира партиите и граѓаните. Токму затоа, денес, една од главните причини за поделба на граѓаните во поглед на вакцинацијата влече корени од меѓупартиските кавги на оваа тема. Потенцирам дека сите прашања и дебати поврзани со пандемијата мора да останат во доменот исклучиво на науката. Секој кој одлучил да се бави со политика во моментов, потребно е да се дистанцира од комуникација на оваа тема. Тоа е во интерес на сите, вели Кордалов.

Во оваа кампања, додава тој, апелирам партиите од власта и опозицијата во рамки на кампањата за претстојните локални избори да не ја повторат истата грешка и да намалат со “доживувањето” на тема коронавирус.

-Ако ова не се примени и оваа кампања, штетите по граѓаните и државата ќе бидат несогледливо големи. Навистина е време да сфатиме дека поважно е здравјето на секој човек од победата на која било политичка партија, потенцира комуникологот.

Според него, граѓаните во оваа кампања очекуваат партиите да ги обработуваат главно локалните проблеми, но и она што неодамна се наметна како голем предизвик: превенцијата и справувањето со природните катастрофи како пожарите, поплавите и слично.
Во оваа кампања, потребно е партиите да покажат грижа и конкретна подготвеност да ја освојат власта за решавање на проблемите со лошите локални патчиња, изградбата и реновирањето на локални училишта, градинки и болници, перспектива за младите во нивните родни места и слично.

Од партиите засега нема официјална информација по кои протоколи ќе се одвива предизборната кампања за локалните избори, во услови на четвртиот бран од пандемијата со над илјада новозаразени на ден. Претставниците на локалната власт заедно со партиските лидери уште во јуни и јули интензивно почнаа со трибини во секој град, каде промовираат проекти, пуштаат патишта, отвораат градинки, спортски сали, ветуваат инвестиции и подобар живот за граѓаните.
Судејќи по протоколите од минатата година, извесно е дека и за овие избори ќе биде препорачано сите активности да се одвиваат со почитување на физичката дистанца и
задолжително носење заштитна маска.
При одржување на собирите, ќе биде препорачано да се води сметка за бројот на учесници. По официјалниот старт на кампањата што е планиран за 27 септември, најверојатно ќе биде препорачано мобилните штандови за рекламен материјал да немаат повеќе од двајца активисти на еден штанд, а притоа, задолжително да биде и носењето на заштитна маска.  (Ј.Ц.Г.)