Ковеши: Само независно судство може да дели правда

63

Европската главна обвинителка Лаура Ковеши на вториот ден од посетата на Софија изјави дека само независно судство може да дели правдата, јави дописникот на МИА од Софија.

Таа денеска се сретна со четворица бугарски судии делигирани за европски обвинители, а потоа и со обвинителите од Вишиот судски совет, од кои зависи номинацијата на уште шестмина судии.

– Дури и ако имате независност и добро законодавство, но немате добар буџет, не можете да бидете ефикасни, посочи Ковеши.

Но, според неа, сè зависи од квалитетот на луѓето и затоа за Европското обвинителство е важно да бидат именувани најдобрите – независни, активни и смели обвинители.
Посетата на Ковеши на Софија се должи на неисполнетата квота на бугарските претставници во Европското обвинителство.

Ковеши истакна дека ако некој се обиде да се меша во работата на делегираните обвинители, тоа ќе биде јавно соопштено.

– Кандидатите мора да ги исполнуваат критериумите за независност и да имаат искуство за случаите што се во надлежност на Европското јавно обвинителство. Процедурата ќе почне следната среда. Ако и тие кандидати, исто така, не ги исполнуваат нашите критериуми, јас нема да дадам предлог за нивно именување, наведе Ковеши.