Ковачевски пазаруваше и потроши 330 денари, се снабди со макарони и сирење по пониски цени!

Дали се почитуваат владините одлуки, денеска проверуваа премиерот, Бектеши и првиот инспектор Трајковски

269

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши, денеска, излегоа на терен за да проверат дали се замрзнати и намалени цените на тестенините и млечните производи од 10 до 15%. Со нив беше и првиот инспектор Трајковски, кој посочи дека повеќе од 160 инспектори се на терен низ државата, се постапува без никаква селекција, исклучиво според закон. Според него  првичните резултати покажале дека нема нерегуларности од страна на трговците. Бектеши најави дека ќе бара средба со ССМ, бидејќи според него минималната синдикална кошничка не е 50 илјади денари, туку околу 43 илјади денари

 

 

Премиерот Димитар Ковачевски денескана терен, при проверка дали цените  на тестенините и млечните производи се замрзнати, пазаруваше во еден познат скопски маркет. Ковачевски на касата за неколку производи меѓу кои и леб,  макарони, сирење и урда плати околу 330 денари. Тој се увери дека намалувањето на цените се почитува од производителите и од трговците.

 -Намалувањето на цените на овие производи битно ќе влијае врз џебот на граѓаните. Се покажа дека владините одлуки се исправни. Лично сакам да се уверам дека се почитуваат и применуваат одлуките, колку за тоа имаат слух производителите, добавувачите и трговците. Нема да дозволиме личен профит врз грбот на граѓаните. Очекувам компаниите да имаат разбирање за општото добро – кажа денеска Ковачевски по теренската обиколка каде го придружуваше министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски.

Министерот  за економија е задоволен што цените се стабилизираат Бектеши, при што се потврдува дека владините одлуки се добри и дека кога се сака, има простор кризата да не биде на грбот на граѓаните. Тој најави дека денеска ќе бидат готови анализите и се знае колкаво ќе биде намалувањето на цените на јајцата, шеќерот и оризот. Одлуката за ова намалување би требало да биде донесена идната недела.

-Инспекциите се секојдневно на терен, прават контроли за да не се дозволат штети врз потрошувачите. Ако се утврди дека има дополнителен простор за намалување на цените, ќе ги повикаме на состанок бизнисите и ќе се донесат соодветните одлуки. Најважно е дека уште еднаш се потврдува дека ниту една компанија не прави загуби од владините мерки, а најголема придобивка имаат граѓаните, рече Бектеши.

Тој ги повика стопанските комори, производителите и увозниците да почнат со намалување на цените, имајќи го предвид трендот на намалување на цените на суровините и енергенсите.

-Во тој случај ќе има простор да им излеземе во пресрет со поддршка, за да ја задржат конкурентоста. Општествено одговорни компании треба да бидат поддржани за да се зголеми нивната конкурентност, зошто да не почнат со инвестиции за креирање нови работни места и поголем извоз, истакна министерот.

Трајковски информираше дека повеќе од 160 инспектори се на терен, ќе се казнува без пардон

Првиот инспектор Трајковски посочи дека повеќе од 160 инспектори се на терен низ државата, се постапува без никаква селекција, исклучиво според закон. Според него  првичните резултати покажале дека нема нерегуларности од страна на трговците.

-Инспекциските служби се на терен и постапуваат со полн капацитет. Од утрово досега нема нерегуларности. Кон крајот на денот или утре ќе бидат соопштени детални информации за евентуални непочитувања, а казните се од 800 до 10 000 евра, потсети директорот на ДПИ. 

Според него, без пардон ќе ги објави имињата на субјектите ако утврди нерегуларности.

-Апелирам, со оглед дека имаа шест дена период, трговците да се приспособат за почитување на одлуката, тоа да го направат зашто санкциите се високи до 10.000 евра, а надзорите ќе се вршат до крај и по закон, потенцира директорот Трајковски.

 Бектеши ќе бара средба со ССМ, според него минималната синдикална кошничка не е 50 илјади денари

Министерот Бектеши најави средба со Сојузот на синдикатите на Македонија бидејќи од соработниците во Министерството за економија е утврдено дека има грешка во пресметката на минималната синдикална кошничка.

-Можеби е ненамерна, а можеби и техничка грешка, но факт е дека минималната синдикална кошничка во нашата држава не е 50.000 денари и не надминува 43.000 денари, во согласност со методологијата што била претходно. Тоа значи дека од август па наваму два пати се калкулира инфлацијата во методологијата и во сите елементи кои беа наведени во претходната методологија, појасни Бектеши. 

Министерот Бектеши, исто така, најави дека наскоро ќе излезат со информација за листата на прехранбените производи за кои ќе има ревидирана стапка на ДДВ. Како што појаснува основните прехранбени производи ќе останат со повластена стапка од 5%, но не и луксузните.

– За кратко време ќе излеземе во јавност  во делот на репрограмирање на стапките на ДДВ за одредени производи. Листата на прехранбени производи за менување на стапката на ДДВ е споделена со сите засегнати страни, и со производители и со здруженијата на граѓаните и со стопанските комори. За основните прехранбени производи се знае дека ќе останат пет проценти, но за жал од претходните одлуки од пред седум, осум и десет години  за луксузните видови на храна ќе има промени – вели Бектеши.

 

Бектеши најави:ЕСМ ќе врати средства во Буџетот, а парите ќе се искористат за  помош на граѓаните

Со домаќинско работење ЕСМ, компанијата веќе е ликвидна,а наскоро таа  во Буџетот ќе врати одредени средства кои ги доби од Владата. Како што објасни министерот за економија Крешник Бектеши, секоја година ЕСМ до Владата доставува финансиски извештај за работењето на претходната година.

– Во моментот кога ќе се достави финансискиот извештај ќе се донесе одлука за одредени финансиски средства да бидат вратени во Буџетот. Тоа најверојатно би било во текот на наредната недела – рече вчера Бектеши.

Тој е задоволен од работењето на компанијата, бидејќи таа го зголеми производството и во јануари и во февруари и сега имаат простор тие средства да ги вратат во Буџетот.

– Ние како Влада овие средства ќе ги пренасочиме кон граѓаните, посебно кон тие што имаат најголема потреба – дополни Бектеши.

Директорот на ДПИ, Трајковски дополни дека при нивните контроли откриле дека над 85 отсто од компаниите кои добија субвенционирана цена за струјата од 80 евра за мегават-час не го испочитувале договореното, односно не ги намалиле цените на продуктите.

-ДПИ изврши детални анализи на оние компании кои користеа субвенционирана електрична енергија. Нашата споредба беше од ноември пред донесувањето на одлуката за субвенционирање, па во наредните четири месеци. Имаше компании кои воопшто ги немаа намалено производите, но имаше и компании кои ги намалија цените. Извештајот го доставивме до Министерството за економија, бидејќи ние немаме законска обврска за понатамошните постапувања, туку имаат Владата и Министерството за економија, рече Трајковски.

Премиерот Димитар  Ковачевски појасни дека за сите одлуки што беа донесени имале состаноци со сите стопански комори на кои преку џентлменски договор се договориле дека Владата ќе обезбеди субвенционирана цена на електрична енергија, а компаниите за најмалку 10 проценти ќе ги намалат цените на основните прехранбени производи што ги произведуваат. И тој е задоволен од работењето на ЕСМ и растот на производството на струја.

 

(В.Ма.)