Вратата за влез во Владата е отворена за партиите што ги делат вредностите на нашата коалиција, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски. Според првиот човек на македонската влада, патот до ЕУ бара спроведување на многу реформи, а опозицијата мора да биде вклучена во тие реформски закони. Тој додаде дека  обезбедувањето на двотретинското мнозинство за промена на Уставот е процес за сите политички партии застапени во Парламентот, што треба да обезбедат европска иднина на државата.

Владата е отворена за вклучување на оние политички партии кои ги делат вредностите на владината коалиција и кои се за продолжување на европскиот пат на државата, бидејќи друга алтернатива немаме, истакна премиерот Ковачевски, осврнувајќи се на разговорите со Алијанса за Албанците за приклучување кон владиното мнозинство.

– Одговорот што јас го дадов и што го даде претседателот на ДУИ не се разликуваат, затоа што кажав дека разговараме. Јас имав состанок со в.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Таравари, на којшто разговаравме и информиравме за тоа преку соопштение, за европската иднина на Северна Македонија и за одлуките што треба да се носат со широк општествен и политички консензус во Собранието и подетално разговаравме за сите закони и реформи што треба да се носат, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и делот на економските закони, пред сè, со справување на економската и енергетската криза, рече Ковачевски.

Тој додаде дека за конкретни ресори и преземање на одговорности, во моментов не е разговарано, со оглед на тоа дека разговорите се воделе, како што рече, на ниво на политички концепт и на ниво на политички вредности.

– Бидејќи ако имате некој со кого што коалицирате, тогаш прво мора да се договорат основните базични вредности на коишто ќе се базира политичката коалиција, а потоа за поделба на ресори и преземање на одговорност, рече Ковачевски.

Вчера премиерот повтори дека разговорите со Алијанса за Албанците во контекст на европската иднина на земјата ќе продолжат и доколку се усогласат по клучните принципи, може да се случи проширување на владиното мнозинство. Во контекст на изјавата на Таравари дека АА во овие разговори има свои црвени линии и дали тие се пречка за да продолжат консултациите, Ковачевски рече дека во секои разговори и преговори, нормално е секој од учесниците да има минимум услови кои мора да бидат исполнети.

Според македонскиот премиер, сите партии во Собранието имаат одговорност да дадат поддршка за уставните измени и продолжување на евроинтеграциите. Двотретинското мнозинство за промена на Уставот и продолжување на европскиот пат на државата, додаде тој, не е потребен за Владата и за Парламентот исклучиво. Тоа не е процес на една политичка партија, туку тоа е процес за сите политички партии застапени во Парламентот, што треба да обезбедат европска иднина на државата.

-Влада се избира со 61 пратеник, а двотретинско мнозинство се обезбедува со 80 пратеници. Одговорност на сите политички партии во државата е да го исполнат она што од 1991 година го има зададено нашата претходна генерација, практично независна македонска држава, членка на НАТО и на ЕУ, рече Ковачевски.

Тој истакна дека во Парламентот ќе бидат носени и други одлуки не само оваа, бидејќи, како што рече, патот до ЕУ ќе бара од нас многу реформи.

-Затоа кажав дека и опозицијата мора да биде вклучена во работата на тие реформски закони. И повторувам уште еднаш дека најдобро место за тоа е Националниот комитет за европски интеграции што е воден од опозицијата и во којшто треба да се разговара, кажа Ковачевски.

Премиерот порача дека сите политички партии, односно пратениците во Собранието ги застапуваат граѓаните, а граѓаните се тие коишто очекуваат да живеат во држава полноправна членка на ЕУ.

-Една од одлуките коишто треба да ги донесеме да тоа полноправно членство во ЕУ е и таа промена на преамбулата во Уставот, заклучи премиерот Ковачевски.

(И.С.)