Ковачевски-Мицотакис: Односите меѓу двете земји се одлични, продолжува да се гради и зајакнува пријателството

24

Премиерот Димитар Ковачевски попладнево имаше телефонски разговор со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, кој му честита на изборот за премиер, и му посака плодна и успешна работа.

Како што соопшти владината прес-служба, двајцата премиери се согласиле дека односите меѓу двете земји се на одлично ниво, и дека ќе продолжи да се гради и зајакнува партнерството.

Претседателот на Владата Ковачевски му се заблагодарил на премиерот Мицотакис за поддршката што тој во континуитет ја дава за отворање на преговорите на Македонија со ЕУ и го запознал со некои од резултатите од посетата на премиерот на Бугарија Петков на Скопје и од возвратната посета и заедничката седница на владите во Софија.

– Низ взаемно почитување и дијалог базиран на европски вредности, верувам дека можеме да најдеме решение во интерес на двете земји и народи, истакнал Ковачевски во телефонскиот разговор со неговиот грчки колега Мицотакис.

Премиерите Ковачевски и Мицотакис разговарале и за економската соработка, соработката во енергетиката, културата и други важни области, при што се договорија и за заедничка средба во рамки на Делфи Форумот во Атина кој треба да се одржи во текот на месец април 2022 година.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека заемната волја за зајакнување на повеќеслојните билатерални односи и билатералната соработка, со акцент на економскиот и трговскиот сектор, била констатирана за време на телефонскиот разговор на двајцата премиери.

Мицотакис ја повторил поддршката на Грција за европската перспектива на Западен Балкан и Македонија, согласно поставените критериуми

Грчкиот премиер, според неговиот кабинет, нагласил дека оваа поддршка е „директно поврзана со целосното, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа, што исто така е дел од пристапниот процес“.

Ова е прв телефонски разговор и прв контакт на премиерот Ковачевски со неговиот грчки колега.