Ковачевски кажа под кои услови ќе биде прифатлив „францускиот предлог“, во Бугарија падна Владата

78

Премиерот Димитар Ковачевски вчера уште еднаш потврди дека земјава нема формално добиено предлог усогласен на ниво на сите 27 членки на ЕУ, посочувајќи ги клучните елементи за тој документ, кога ќе биде усогласен, да биде прифатлив за Северна Македонија. Во меѓувреме во Бугарија падна Владата на премиерот Кирил Петков, откако во Собранието и беше изгласана недоверба. Висок дипломатски извор во ЕУ, пак, добро запознаен со преговарачката рамка и францускиот предлог за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, вчера за МИА потврди дека билатералните прашања се дел од рамката и дека тоа е „нормално“.

– Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, наведува Ковачевски на Фејсбук.

Премиерот наведува дека преговорите помеѓу Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот.

– Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија, нагласува премиерот, додавајќи дека секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.

Ковачевски, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, претходно одлучија утре во Брисел да присуствуваат на Самитот ЕУ-Западен Балкан.

– Јас, Еди Рама и Александар Вучиќ денес донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина. Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан, објави Ковачевски.

Европската Унија прифати дел од билатералните барања на Бугарија да стојат во преговарачката рамка и смета дека тоа е нормално, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во пресрет на состанокот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан, што ќе се одржи денеска, дипломатите од земјите-членки и од Советот интензивно ги брифираа новинарите вчера за прашањата што „ќе бидат на маса“ на средбата, како визниот режим за Косово, кандидатскиот статус за БиХ, но доминираа оние поврзани со стартот на преговорите со Македонија, блокиран од Бугарија, што ја држи во заложништво и Албанија.

Висок дипломатски извор во ЕУ добро запознаен со преговарачката рамка и францускиот предлог за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, за МИА потврди дека билатералните прашања се дел од рамката и дека тоа е „нормално“.

– Билатералните прашања се дел од процесот на проширување, објасни овој дипломат на прашање на МИА.

Запрашан дали е нормално да се создава преседан со Македонија преку вклучувањето на билатерални барања на земја-членка на ЕУ, дипломатот објасни дека „овој ризик постои“.

– Овој ризик постои и тоа некогаш е поважно од реформите. Тоа е дел од правилата, инаку не можеме да имаме хармонични односи. Предлогот кој е на маса се чини дека е тој околу кој може да се најде договор, никој не е задоволен ниту во Скопје, ниту во Софија, рече тој, додавајќи дека тоа за ЕУ е знак дека договорот е добар.

Лидерите на ЕУ и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го поздравија фактот што опозициската партија ГЕРБ во Бугарија најави дека ќе го поддржи договорот за преговарачката рамка.

Во вторникот и државниот секретар за Европа на Франција, Клеман Бон, призна дека дел од билатералните барања на Бугарија се вклучени во францускиот предлог за преговарачката рамка, затоа што било потребно да се одговори на преокупациите на Софија.

За ЕУ е важно во следните недели да испорача преговори со Скопје и Тирана за да му даде кредибилитет на процесот на проширување што тапка во место, посебно во момент кога и се доделува статус на кандидат на Украина. Дипломатите во Брисел не се занимаваат со деталите од билатералниот спор меѓу Скопје и Софија и сакаат, речиси по секоја цена, да дадат зелено светло во следните денови, коментира друг дипломатски извор во Брисел.

Во меѓувреме во Бугарија падна Владата на премиерот Кирил Петков, откако во Собранието и беше изгласана недоверба со 123 „против“ и 116 гласови „за“, од вкупно 239 пратеници, со што Кабинетот на доскорешната четирипартиска коалиција, од која неодамна излезе „Има таков народ“, не ги доби потребните 121 глас во пленарната сала, за да остане на власт.

– Ми беше чест да водам Влада што е соборена од Пеевски, Борисов, Слави Трифонов и Митрофанова. Ветувам дека ќе продолжиме да ја браниме државата. Еден ќе имаме држава без задкулисни игри и без мафија. Една нормална европска држава, потенцира Петков од собраниската говорница.

По изгласувањето недоверба на кабинетот на Петков, бугарската политичка партија ДПС до Националното собрание достави предлог за одлука за одобрување на нацрт-преговарачката рамка за членство на Македонија и Албанија во ЕУ, предложена од француското претседателство. Ова го соопшти лидерот на движењето Мустафа Карадај,

Во декларација од собраниската говорница претседавачот на пратеничка група на ГЕРБ Десислава Атанасова, соопшти дека и ГЕРБ-СДС се подготвени со предлог-проект за одобрување на преговарачката рамка со Македонија, што ќе биде гаранција дека Бугарија и бугарските национални интереси ќе бидат заштитени.

Таа ги повика сите партии да ја поддржат иницијативата. Партијата бара и од премиерот во оставка Кирил Петков и неговата влада веднаш да го одобрат билатералниот протокол.

Во меѓувреме, бугарскиот претседател Румен Радев рече дека „францускиот предлог“ за деблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија е најдобар за Бугарија, но бугарските политичари не треба да брзаат да прогласат историска победа, бидејќи предложените документи не даваат доволно гаранции за заштита на интересите на Софија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев истакна дека најдоброто е тоа што Бугарија успеала да се спротивстави на два совета за проширување на ЕУ, кога имала јасна позиција и јасни аргументи.

Според Радев, европските партнери на Софија го делат нејзиниот став дека „прашањето за одбрана на граѓанските права и борбата против дискриминацијата не може да биде билатерално прашање само меѓу Бугарија и Македонија, туку мора да се постави на ниво на ЕУ“.

Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов, вчера побара одлуката за прифаќање на „францускиот предлог“ и со тоа за деблокирање на евроинтегративниот процес на земјава, да ја донесе Владата на Бугарија и потоа да ја достави до Собранието на одобрување, ветувајќи дека 59-те пратеници на неговата партија ќе го поддржат предлогот на пленарната седница.

– Предлогот на француското претседателство со ЕУ за Северна Македонија е најдобар, рече Борисов, согласувајќи се со претходно дадената изјава на претседателот Радев околу предлогот на Франција.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји на Твитер ја поздрави одуката на Борисов дека ќе го поддржи „францускиот предлог“ за деблокада на евроинтегративниот процес на Македонија.

Инаку, членовите во Комисија за надворешни работи на бугарското Народно собрание вчера ја одложија седницата на која требаше да биде разгледан предлогот на француското претседателство, јави дописникот на МИА од Софија.

Образложувајќи ја ваквата одлука, поранешната бугарска министерка за надворешни работи и пратеничка на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Екатерина Захариева изјави дека бугарската Влада е органот што мора да се произнесе по предлогот, пред тој да се најде пред Народното собрание.

Меѓутоа, пред гласањето недоверба на Владата, шефицата на Кабинетот на бугарскиот премиер Кирил Петков, Лена Бориславова во изјава за софиски „Дневник“, го отфрли ваквото барање, истакнувајќи дека Владата нема да отстапи од повеќепати најавуваната формула – одлуката по „францускиот предлог“ прво да биде донесена на собраниската Комисија за надворешна политика, потоа на пленарна седница на Собранието и на крај да се најде пред владиниот Кабинет.

Крајниот рок до кога Бугарија треба да одговори на предлогот на француското претседателство за деблокирање на европскиот пат на Македонија не е 23 јуни и тоа може да се случи во друг формат до истекот на претседавањето на Франција со ЕУ, односно до крајот на месецот, се наведува во Извештајот на бугарското МНР од 20 јуни доставен до Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија.

Како што јави БНР, Министерството ги информира пратениците дека т.н. „француски предлог“ создава „поволни услови за одбрана на бугарскиот национален интерес“. До Парламентот се испратени нацрт-протокол од претстојниот втор состанок на заедничката Меѓувладина комисија на Бугарија и Македонија, извештај за текот на билатералните односи и предлогот на преговарачката рамка за земјава со ЕУ.

Според бугарското МНР, со Скопје не е постигнат договор за текст со кој се предвидува првата меѓувладина конференција да се одржи веднаш откако Македонија во својот Устав ќе ги вклучи „оние нејзини граѓани кои живеат во земјата и се дел од бугарскиот народ“. Наместо бугарскиот предлог, се посочува во Извештајот, Скопје инсистира „вклучувањето на Бугарите како државотворен народ“ да се постави како услов за отворање на првиот кластер „Основни принципи“ во преговарачкиот процес.

Во Извештајот до Парламентот, Министерството наведува и дека е клучно протоколот да биде потпишан и одобрен од владите во Софија и Скопје, пред Бугарија да ја одобри преговарачката рамка на ЕУ со земјава.

Македонската опозиција останува на ставот дека францускиот предлог е штетен за македонските национални интереси и оти нема да го поддржат.

– ВМРО-ДПМНЕ не калкулира со македонските национални интереси, како што тоа го прави СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ го отфрла предлогот од Париз и смета дека тој води само кон асимилација на Македонците и бугаризација на државата. Предлогот не почива на европските вредности, туку на правилото на посилниот, наведуваат од партијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не верува дека премиерот Димитар Ковачевски во Брисел ќе каже „не“ на францускиот предлог бидејќи, како што рече, СДСМ и Владата биле запознаени со предлогот многу порано.

– Да не се лажеме дека предлогот не е претходно договорен. Овој предлог не можел да дојде до овде, до каде што е, доколку претходно не е преговарано за него, рече вчера Мицкоски на гостувањето во телевизија Алфа.

Според него, францускиот предлог не значи почеток на преговорите за земјава, туку следуваат други исполнувања на државата во однос на бугарските барања.

– Оваа преговарачка рамка што ни се нуди и која е дел од овој предлог, не е почеток на преговорите и тоа треба да им е јасно на граѓаните. Ова е почеток на преговорите за Албанија која нема вакви хегемонистички и идентитетски услови што треба да ги исполни. Ние не можеме да отвориме поглавја со овој предлог бидејќи треба дополнителни услови да исполниме, рече Мицкоски

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски од Стразбур апелираше до власта да го отфрли предлогот затоа што, вели, тој „е крајно штетен за Македонија и пред се за Македонците како доминантен народ во Македонија, и на тој начин да ги заштитат македонските национални интереси“.

Во меѓувреме, коалициските партии на СДСМ во Владата – ЛДП, ДОМ и Демократскиот сојуз соопштија дека ќе ја напуштат владината коалиција доколку биде прифатен „францускиот предлог“ за деблокада на евроинтеграциите на земјата.

Инаку, синоќа пред Владата во Скопје се одржа граѓански протест против францускиот предлог за кревање на бугарското вето и почеток на преговорите на земјава со ЕУ. Насобраните граѓани порачаа дека се незадоволни во однос на, како што рекоа, сè полошите предлози што пристигнуваат од ЕУ кон нашата држава, за кои сметаат дека се неприфатливи. Тие побараа „францускиот предлог“ да биде веднаш отфрлен.