Ковачевски во Рејкјавик се сретна со Мишел, Макрон и Де Кру

39

Премиерот Димитар Ковачевски на маргините од 4-от Самит на Советот на Европа во Рејкјавик имаше куси средби со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со францускиот претседател Емануел Макрон и со белгискиот премиер Александар Де Кру.

Ковачевски на фејсбук објави дека имал срдечна средба со Шарл Мишел, како што наведува „голем пријател и поддржувач во нашата стратешка определба за полноправното членство на Северна Македонија во Европската Унија“.

Нашите меѓународни партнери и поддржувачи го препознаваат напредокот на нашата држава. Во Северна Македонија гледаат сериозен партнер кој се залага за демократија, слобода, мир и негување добрососедски односи.
Европска перспектива на нашата земја е неповратен процес во кој имаме поддршка од нашите европски пријатели, пишува Ковачевски.
За средбата со Макрон, пак, истакнува дека со францускиот претседател го споделиле оптимизмот за што побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија и за брз реформски процес.

Во наш интерес е влијателни лидери како што е францускиот претседател да ни бидат поддршка на нашиот пат кон ЕУ, вели Ковачевски.
Пред отворањето на Самитот, тој имал средба и со белгискиот премиер Де Кру.

Драго ми е што Белгија дава огромна поддршка за нашиот европски пат и секако за нашата заложба за реформи. Нашата добрососедска политика со земјите од регионот е добар пример и поздравена и од Белгија, пишува во објавата на ФБ премиерот Димитар Ковачевски.