Ковачевски-Брнабиќ: Србија ќе гради брза пруга до Табановце, Македонија ќе инвестира во пругата до грчка граница

Причина за обостраното задоволство од трговската размена е податокот дека лани таа достигнала 1,1 милијарда евра. Според Брнабиќ, Србија е трет трговски партнер на Македонија, а Македонија е меѓу десетте најважни партнери на Србија. Јас се радувам да ја продолжиме таа соработка, рече Брнабиќ, и порача дека нашата држава секогаш може да смета на Србија како на сигурен партнер во овие тешки  околности

560

Односите меѓу Македонија и Србија се на исклучително високо ниво во сите области, вклучувајќи ја и економијата, констатираа македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговата српска колешка Ана Брнабиќ, при нејзината вчерашна посета на Скопје.

На заедничка прес-конференција, на маргините на Регионалниот самит на организацијата „Македонија 2025“, и двајцата најавија активности за модернизирање и забрзување на протокот на стоки, услуги, луѓе и капитал по „Коридорот 10“ и изразија задоволство од нивото на трговската соработка меѓу двете земји.

Како што истакнаа премиерите, инфраструктурното поврзување на Македонија и Србија преку „Коридорот 10“, како еден од приоритетите на двете земји е и една од темите на која разговарале.

Ковачевски информира дека патната инфраструктура на „Коридорот 10“ низ нашата држава е целосно изградена, додека во железничката треба да инвестираме за да се зголеми капацитетот, како и брзината на транспортот.

-Кога разговараме со нашите партнери од Европската Унија и од меѓународните институции, како и кога разговараме билатерално и во рамки на регионалната соработка имаме заеднички настап за обезбедување средства за железничката инфраструктура на територијата на двете држави, рече тој.

Инфраструктурното поврзување на целиот регион со изградба на патишта и пруги е најважниот столб на регионалната соработка, смета Брнабиќ.

-Република Србија вложи многу во инфраструктурно поврзување со регионот во изградба на патишта, а уште повеќе ќе вложи во изградбата на пруги. Драго ми е што во мојот мандат беше целосно завршен автопатот до границата со Република Северна Македонија, а следен проект е изградба на брза пруга до нејзината граница, рече српската премиерка.

Причина за обостраното задоволство од трговската размена е податокот дека лани таа достигнала 1,1 милијарда евра. Според Брнабиќ, Србија е трет трговски партнер на Македонија, а Македонија е меѓу десетте најважни партнери на Србија.

-Јас се радувам да ја продолжиме таа соработка, рече Брнабиќ, и порача дека нашата држава секогаш може да смета на Србија како на сигурен партнер во овие тешки  околности.

Ковачевски рече дека за истакнување е тоа дека нашата трговска размена надмина една милијарда евра, како и тоа дека Македонија го зголеми извозот во Србија за 40 проценти, додека Србија кај нас за 20 проценти.

Брнабиќ најави дека новата Влада во Србија, без разлика на составот, ќе биде влада на континуитет кога е во прашање соработката со Македонија, влада која ќе продолжи по истиот пат на одлична економска и политичка соработка.

Премиерите на двете земји учествуваа на панелот „Градење на просперитетна иднина: Улогата на регионалната соработка“ на Самитот на „Македонија 2025“ што завршува денеска.

-Гледам дека има интерес за инвестирање на наши иселеници во државата и веќе имаме наши сограѓани кои својот капитал, стекнат во дијаспората, го инвестираат кај нас и се добри извозни компании. Можам да изразам задоволство од името на цела Влада за соработката што ја имаме со дијаспората и само може да ги зајакнуваме тие врски и да ги олеснуваме бариерите за многу полесно враќање и комуникација со дијаспората, рече Ковачевски.

Српската премиерка Брнабиќ истакна дека става значаен фокус на соработката со дијаспората бидејќи, како што рече, земјите од Западен Балкан имаат потреба за брз и динамичен раст и затоа мора да го искористат сето она што го имаат, а токму дијаспората е еден важен ресурс во целата таа приказна. Таа информира дека во Србија покренале една иницијатива, која се вика Точка на враќање за да има една точка за контакт каде што тие ќе ја имаат целата поддршка на државата доколку сакаат да се вратат и да инвестираат во Србија.

Напредокот на животниот стандард на граѓаните во Македонија е еден од приоритетите на „Македонија 2025“, но, за жал, тој е мал и недоволен, нашиот стандард е 38 проценти од стандардот во ЕУ,  а приближувањето кон ЕУ не се одвива со очекуваната динамика, посочи на отворањето на Самитот, директорката на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажевски.

-Годинешниот Самит е посветен на дигитализацијата. Ние во „Македонија 2025“ се надевам дека заеднички ќе направиме добри дела и дека ќе ја направиме Македонија подобро место за живеење, да помогнеме да напредуваме. Треба да сме свесни дека живееме во свет кога и малите земји имаат шанса да предводат со реформи, со новитети, но и свет каде што брзите ги јадат бавните, и не смееме да си дозволиме да бидеме бавни, рече таа.

(С.В.)