Пораките во некои книги се толку моќни што можеме да ги користиме во секојдневниот живот, а порталот Bright Side издвои неколку книги кои треба да бидат прочитани повеќе од еднаш.

Првото дело што го издвојуваат е „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери. “Прекрасната приказна за малиот принц која нè потсетува на едноставниот факт дека додека растеме и старееме, забораваме на вистинските вредности во животот и малите нешта што нè прават среќни. Стануваме полни со грижа и го занемаруваме важното заради неважното, а оваа книга ни помага повторно да го најдеме детето во себе“, се вели во препораката.

„Сликата на Доријан Греј“ на Оскар Вајлд е втората книга на списокот на Брајт Сајд. Во ова дело, писателот маестрално се поигрува со идејата за убавината, суетата, доблеста, изопаченоста, порокот и моралот. Приказната за Доријан нè потсетува дека жртвувањето на сè заради површни вредности може да нè однесе само на темно место“. Третото дело на списокот е „Дхаммапада. Мудроста на Буда“, книгата на изреки на Буда, наменета за сите оние кои бараат малку инспирација за секојдневниот живот. “Ова не е религиозна книга и секоја изрека е создадена во различни прилики како одговор на ситуациите во кои се нашле Буда и неговите следбеници“.

Делото на Сенека „За краткоста на животот“, пак, нуди моќни погледи за уметноста на живеењето. Сенека во книгата го испитува залудното трошење време на Земјата, што, според неговите зборови, треба да се исполни и да се направи позначајно, што многумина не го прават. Познатиот роман на Чарлс Дикенс “Големите очекувања“, е исто така на оваа листа. Тоа е книга за растењето. Зборува за сирачето Пип, кој својот живот го запишува уште од најраните денови од детството сè додека не порасне, обидувајќи се да остане господин на патот – наведува „Bright Side“, кој на својот список го вклучи и “Умешноста на војувањето“ од Сун Цу.

Ова е едно од највлијателните дела што некогаш е напишано, а прикажува конфликти на сите нивоа на животот… Конфликтот е неизбежен дел од животот, според овој древен кинески стратег, но сè што ни треба за да се справиме со конфликтот е веќе присутно кај нас.