Книга: „Црква“ – стихозбирка со религиозни мотиви

201

Стихозбирката „Црква“ на Блаже Конески првпат е објавена во 1988 година. „Во неа носечка е истоимената песна ‘Црква’, во која лирскиот субјект, кој е, всушност, гласот на самиот Конески, пее за тагата од сознанието дека сакаат да ја урнат црквата во родното село Небрегово и која, според кажувањата, одиграла клучна улога во отстапувањето од таа намера. Освен оваа песна, стихозбирката содржи тематски сродни мотиви што се однесуваат на религиозни празници и на светци што се поврзани повеќе со неговата семејна традиција, отколку со неговата набожност“, посочува издавачот „Арс ламина“.

Проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, пак, ќе истакне: „Далековидоста на поетот, доживеана масовно од својот народ ја откри неговата песна ’Црква‘. Овде е и поентата на неговата длабока мисловност и пробивот во нашата традиција. Овој македонски народ, вековно збран во неволи и во маки го докрепила и прибрала нашата црква. Затоа не може да премине преку неа и познавачот и вљубеникот во својата земја. И колку да сакаме да ја прифатиме теориската поставка за мигновеното пишување на песната, што е секако можно, со сфаќањето дека песната не се создава, туку се открива, тој чин без длабоките пробиви во суштините на изминатото искуство и поројните мисли, не би ја остварил високоприфатената уметничка вистина и предност на поетот“.