Книга: „Снешко. Дневникот на едно кутре“ – за грижата кон миленичињата

63

„Снешко. Дневникот на едно кутре“ е прво книжевно дело на авторката Снешка Путинска Трајковска, но и илустраторско деби на Анета Илиевска.

„Доверувајќи му го раскажувачкиот глас на едно кутре, повредено и одделено од својата мајка, авторката и илустраторката заеднички и мошне хармонично создаваат симпатична и топла приказна за секојдневието, за закрепнувањето и зближувањето помеѓу животните и луѓето. Со многу досетки и карактеристичен шарм, со јазични игри на границата помеѓу кучешкиот јазик и ‘јазикот на човеците’, со грешки и сознавања, приказната-дневник на кутрето Снешко, бело како снег, истовремено допира и до децата, но и до возрасните. Палавото секојдневие на кутрето е идентификувано со палавото секојдневие на секое мало суштество, куче, маче или дете, сеедно; но и со топлите, големи и меки срца на љубителите на животни, какво што е срцето на Мила, најдобрата другарка, негувателка и сопственичка на Снешко Беличковски“, ќе посочи издавачот „Арс Ламина“.