Книга: “Ова е моето последно молчење“ – кажа женското перо во Македонија

99

„Ова е моето последно молчење“ е антологија чии приредувачи се Елена Пренџова и Оливера Доцевска и има цел да ги претстави современите македонски поетеси што активно творат во последниве десетина години.

Станува збор за панорамски преглед со избор од неколку песни што најдобро ќе го претстават личниот севкупен поетски печат на авторките, поетеси од различни генерации, активни на сцената со по неколку објавени авторски книги поезија на македонски јазик.

Книгата не претставува селективно групирање авторски дела со слична и обединувачка естетска или тематско-мотивска нишка, туку ги обединува во една интензивна книга колешките по перо и, како што ги нарекува феминистичката критика, „сестрите по род“, со веќе докажана естетска и книжевна вредност, во заедничко дело што ќе претставува глобално огледало на женското писмо во 21 век во Македонија, наместо персонално претставување на одбран број авторки.