“Книгата може да има многу значења и многу улоги во секојдневието на луѓето – за некои е книжевност во која се задлабочуваат и преку која патуваат во други светови, за други е учител и водич низ животот, за трети е извор на забава. Сметаме дека секоја улога е важна и сè додека книгата е дел од вашиот живот – животот има подлабока димензија“, вели за весникот ВЕЧЕР, Бојан Саздов од издавачката куќа “Три“

‘Дајте ми метар Достоевски и пола метар Толстој’ – вака некако гласи шегата поврзана со појавата да се купуваат книги кои ќе имаат само естетска намена, но не и онаа суштинска – да ни ги прошири знаењата, видиците, да ни отвори нови светови… Деновиве на својот сајт и групата „Размена на книги и книжевни муабети“ реагираше на ова помодарство кое за многумина нема никаква допирна точка со суштината на зборот книга.

„На Амазон буквално се продаваат книги за украс. Тренд што сè почесто го гледаме и во дизајнот на ентериери“, велат од групата. На нивното прашање пак, „Што мислите на темата?“, можеа да се прочитат низа интересни размислувања на читателите.

„Книгата не е декор, туку потреба“, „Книгата ја збогатува вредноста кога е прочитана и тогаш станува најубав декор, убавината е во содржината, а не во бојата“, „Точно е дека погледот кон библиотеката ги плакне очите, ја полни душата, го растреперува срцето, ама знаеш што имаш, какво богатство поседуваш… Но, да се купат книги за украс и да се прави лажна библиотека… До каде отиде глупоста на човекот?“… се само дел од интересните реакции кои можат да се прочитаат.

Факт е и дека сите сме различни, па така додека „некои луѓе купуваат книги по боја и големина за да им одговара за декорација во новиот стан кој тукушто се опремува, за среќа далеку побројни се оние вистински читатели кои ја знаат вредноста на книгата. Има и такви размислувања кои велат дека трендот е всушност показател какви сме „површни и празни…“.

Од друга страна, познато е дека растењето во куќа полна со книги е главниот стимул за писменост на децата. Можеби некој и ќе купи книги на метар, но еден ден ќе се најде во ситуација кога ќе почне да ги чита сосема случајно. Ако тие не биле таму, тоа никогаш немало да се случи?! Во секој случај треба да внимаваме како ги доживуваме книгите. Тие имаат вистинска убавина што луѓето ја сакаат и ја ценат. Ова е заедничко за двата погледи, бидејќи на крајот на денот, книгите се прозорец во нашата душа. Тие се многу повеќе од малите нешта што ги ставаме на полиците.

Ги прашавме и издавачите каков е нивниот коментар за овој тренд и дали тој постои и кај нас.

„Не можеме да потврдиме дека овој тренд постои и кај нас, иако е широко познат изразот coffee table books – кој не ги дефинира книгите преку декорацијата како нивна примарна употреба, туку се работи за навистина убаво изработени, луксузни (најчесто монографски) изданија што навистина секој би посакал да ги има во својот дом. Книгата може да има многу значења и многу улоги во секојдневието на луѓето – за некои е книжевност во која се задлабочуваат и преку која патуваат во други светови, за други е учител и водич низ животот, за трети е извор на забава. Сметаме дека секоја улога е важна и сè додека книгата е дел од вашиот живот – животот има подлабока димензија“, вели за весникот ВЕЧЕР Бојан Саздов од издавачката куќа „Три“. (Д.Т.)