Книгата на Чупоски онлајн: Христијанските слики и симболи во филмовите на култниот Тарковски

163

Преку веб-страницата на Кинотеката на Северна Македонија за  пошироката јавност е достапно уште едно филмолошко четиво – книгата „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“ на д-р Атанас Чупоски.

Во ова кинотечно издание низ речиси 250 страници авторот „…ги испитува суштинските прашања што се однесуваат на човекот и смислата на животот, смислата на уметноста и науката, а во таа смисла, особено аспектите на филмската уметност низ која овие прашања се поставуваат на две рамништа, визуелно и книжевно, како слика и како сценарио“, ќе напише професор Славица Србиновска во воведниот дел од својот осврт кон делото на Чупоски.

И самиот автор објаснува дека „..основен предмет на ова истражување, преку компаративно, интердисциплинарно вкрстување на методите на митокритиката, наратологијата, филмската теорија и православната христијанска аскетика, се христијанските слики и симболи актуализирани во филмовите на Андреј Арсењевич-Тарковски, и спецификите на неговото филмско раскажување…“, а сето тоа понатаму го елаборира преку анализа на филмовите „Андреј Рубљов“ (1966), „Сталкер“ (1979) и „Жртвопринесување“ (1986) на култниот советски режисер. руски режисер и писател. Иако е режисер на само 7 комерцијални филмови за време на неговата активна филмска кариера, за него се смета дека е еден од најдобрите филмски режисери на сите времиња.

Тоа го докажуваат и неговите најпознати филмови „Андреј Рубљов“, „Соларис“ и „Сталкер“. Тарковски има работено и како филмски сценограф, продуцент, критичар и како театарски директор. Неговите филмови се снимени во Советскиот Сојуз, освен последните два филма, кои се снимени во Италија и Шведска. Тие се карактеризираат со духот на христијанството, метафизички теми, долг тек на дејството, детални драматични заплети и незаборавни слики на извонредна убавина…

Авторот на книгата Атанас Чупоски (1969), пак, е писател и поет, сценарист и режисер, радио водител, професор, компаратист и филмолог, доктор на филолошки науки.  Автор е на повеќе од двесте книжевни и филмолошки студии, есеи, песни, раскази и публицистички текстови, објавени во повеќе списанија за литература, филм, уметност и култура, дневни, неделни и месечни списанија, весници и портали. Сценарист и режисер е на неколку документарни филмови, како „Копаничарите“, „Глас“, „Охридските трубадури“, „Скендербег и Светиград“, „Сведоци“ и други.