Клубот на генерали – форум кој ги артикулира актуелните безбедносни предизвици

Клубот на генерали веќе осум години ги следи сите глобални промени од областа на одбраната и безбедноста. Членови на здружението се само офицери кои во својата професионална кариера стигнале до највисокиот, генералски чин и токму затоа ова здружение брои 27 пензионирани и активни генерали. “Македонското општество многу малку го користи знаењето, искуството и интелектуалниот капацитет на генералите особено по заминувањето од активната служба, но претседателот на Клубот вели дека како 30. членка на Алијансата, имаме одговорност и потенцијал да го фатиме чекорот со останатите држави. 

216

Мигрантската криза, турско-сириската војна, очекување на економска криза поради корона вирусот, изборите на целиот Балкан, најавите за решавање на косовското прашање со можно прекројување на границите, најавите за отцепување на Република Српска од БиХ, најавите за референдуми во Ирска и Северна Ирска, Шкотска, функционирањето на Велика Британија по брегзитот, изборите во САД… тоа се само дел од актуелните глобални теми за кои во Клубот на генерали активно се дебатира. Сепак, последниов период на чекор до прием во НАТО алијансата се следат сите осцилации и предизвици, исто како и очекувањето на датумот за преговори со ЕУ.

Клубот на генерали веќе осум години ги следи сите глобални промени, Клубот е форум кој може да ги артикулира погледите на општествените процеси. Членови се само офицери кои во својата професионална кариера стигнале до највисокиот, генералски чин и токму затоа ова здружение брои 27 пензионирани и активни генерали.

– Клубот не е обично здружение на граѓани, туку собир на луѓе воспитувани во специфичен амбиент, посебно едуцирани, луѓе внимателно селектирани во мноштвото на офицери на Армијата, луѓе со богато искуство во раководење со сложени организации, професионалци во една тешка и предизвикувачка професија. Професија толку одговорна, но и благородна, која само ние војниците можеме вистински да ја разбереме, појаснува генералот Зоран Димов, кој од неодамна е нов претседател на Здружението. Го затекнавме во канцеларијата во Домот на АРМ која ја делат со уште неколку Здруженија, но во разговорот ни објасни дека очекуваат од Министерството за одбрана да добијат свои простории во Домот на АРМ кои ќе ги користат за секојдневните активности, но и за отворени дебати.

Генералот Димов вели дека делувањето на Клубот на генерали може да биде многу важен за државата, по теркот на сродни тинк-тенк организации кои делуваат НАТО државите.

-Потребата од организирање во непрофитни, строго насочени области во општеството со цел постигнување на одреден интерес или влијание на одредени состојби и процеси на запад има долгогодишна историја. Ние овде сме на почетокот. Поради тоа, формирањето на Клубот на генерали и негово опстојување само по себе е успех, вели Димов.

Признава дека критиките на нивната досегашна слаба активност кои во неколку наврати ги имаше во јавноста се издржани и затоа најавува дека имаат намера да се наметнат како авторитети во македонското општество за да го понудат своето знаење, искуство и интелектуалниот капацитет, особено по заминувањето од активната служба, односно пензионирањето, како што тоа е случај во многу држави членки на НАТО.

-Наша интенција е на државата да ѝ го понудиме нашиот потенцијал за анализа и аналитика, за изработка на важни проекти или документи од областа на одбраната и безбедност, да дебатираме, да советуваме, да разменуваме искуства со други здруженија или тинк-тенк организации. Токму затоа Клубот на генерали за сите нас има големо значење и формирањето на Здружението во 2012 година, сметам дека беше извонредна идеја, вели генералот Димов.

Тој додава дека Клубот е форум кој може да ги артикулира погледите на општествените процеси. Клубот е платформа каде планираат уште поактивно да ги искажуваат размислувањата и идеи, каде што ќе креираат иницијативи во интерес на граѓаните и општеството.

-Не е пригодно да се истакнува посебност или елитизам, но да не бидеме скромни. Ние во нашата професија сме малкумина од многуте во повеќе генерации во изминатите 3 декади од формирањето на Армијата до денес. Ние сме биле препознаени, менторирани, проценувани и конечно, од страна на претседател на Републиката промовирани во генералскиот кор, во елитата на вооружените сили. Нам ни биле доверувани најсложените и најодговорните должности во одбраната и заштитата на татковината. Како такви, денес ние членовите на Клубот на генерали, сме сосема мала група граѓани, посебни по многу нешта. Клубот на генерали е здружение каде сите нам ни е место, додава нашиот соговорник.

Тој најавува дека ќе понудат своја помош при изработка и на стратешките документи во одбраната кои се задолжителни по приемот во НАТО.

-Ретки се примерите каде се користи знаењето и искуството на пензионираните генерали или каде нашите колеги по пензионирањето успеале да започнат нова кариера. А заминуваат во пензија во години кога професионалниот капацитет на голем број други професии е во полн ек, вели генералот Димов. Појаснува дека македонското општество многу малку го користи знаењето, искуството и интелектуалниот капацитет на генералите особено по заминувањето од активната служба, но вели дека како 30. членка на Алијансата, имаме одговорност и потенцијал да го фатиме чекорот со останатите држави.

Клубот на генерали има амбициозна програма за годинава со која се запознати и авторитетите во одбраната – министерот и претседателот на државата.