Клинички без струја, пациентите во немилост – прекинати зрачења, анализи, прегледи!

Два дена по ред, прекин на електричната енергија, само хируршките и интерните клиники имаат сопствен генератор

1642

На Клиниката за онкологија се прекина зрачната терапија, пациентите негодуваа, бидејќи многумина се од внатрешноста и не беа во можност да чекаат повторно да се вклучат апаратите. Дел од пациентите не можеа да ги реализираат закажаните прегледи, лабораториски анализи, а не се издаваа ниту резултати. Тие стравуваат дека ова е само увертира кон она што нè чека во периодот на зимската сезона, за кога се очекуваат рестрикции. Директорот на Онкологија, д-р Нино Васков, за весникот ВЕЧЕР вели дека веднаш се обратиле до службите на ЕВН за да видат за што конкретно се работи и во текот на денешниот ден чекаа официјален одговор. Директорот на Заедничките служби на Клиничкиот центар, Амар Даут, за весникот ВЕЧЕР изјави дека само зградите каде што се сместени интерните клиники и хируршкиот блок располагаат со сопствен агрегат за струја

 

Иако премиерот Димитар Ковачевски деновиве вети дека Владата нема да дозволи да нема струја во здравствените објекти, изминативе два дена скопските клиники се соочија со прекин на електричната енергија. Дел од пациентите не можеа да ги реализираат закажаните прегледи, лабораториски анализи, а не се издаваа ниту резултати.

На Клиниката за онкологија се прекина зрачната терапија и се помести редот. Пациентите негодуваа, бидејќи многумина се од внатрешноста и не беа во можност да чекаат повторно да се вклучат апаратите. Тие стравуваат дека ова е само увертира кон она што нè чека во периодот на зимската сезона, за кога се очекуваат рестрикции. Слично беше вчера и завчера и на останатите клиники.

Директорот на Онкологија, д-р Нино Васков, за весникот ВЕЧЕР вели дека веднаш се обратиле до службите на ЕВН за да видат за што конкретно се работи и во текот на денешниот  ден чекаа официјален одговор.

– За прекинот на струја не сме одговорни ние, одговорот треба да го даде ЕВН, за што ние писмено се обративме до нив. За среќа, само 20 минути немаше струја и не се нарушија до толку редовните активности на Клиниката. За среќа, досега немавме често вакви ситуации и затоа нема потреба да се крева паника – смета директорот на Онкологија, д-р Васев, и дополнува дека, можеби, прекините на струја се со цел да се зајакне мрежата во пресрет на зимската сезона.

Тој дополни дека сите пациенти со мало задоцнување ги добиле резултатите што не можеа да се издадат додека немаше струја.

Клиничкиот центар располага само со централен генератор, кој е наменет само за хируршките клиники, каде што се изведуваат оперативни зафати. Обој блок клиники не смее да се остане без струја додека течат операциите, ниту, пак, Центарот за интензивна нега, каде што треба да има непречен довод за кислородна поддршка на оперираните лица.

Како што вели за весникот ВЕЧЕР директорот на Заедничките служби на Клиничкиот центар, Амар Даут, само зградите каде што се сместени интерните клиники и хируршкиот блок располагаат со сопствен агрегат за струја.

– За овие два блока постојат два агрегата, кои се во функција и се наменети за резервно снабдување со струја, кога ја нема во мрежата – вели Даут.

Од друга страна, пак, скопските клиники се во алармантна состојба поради долговите што се акумулирале со години и достигнале околу 104 милиони евра или 6,5 милијарди денари. Сега состојбата се комплицира поради економската криза и енормно високите сметки за електрична енергија, кои некои клиники не може да ги платат.

Според министерот за здравство Беким Сали, долговите на здравствените установи биле нивна надлежност.

– Долговите за електрична енергија, за опрема, за материјали, сето тоа е надлежност на МЗ. Дали опремата ќе ја плати клиниката, дали МЗ или, пак, Фондот, сепак, тоа е истиот буџет што го делиме институционално за добробит на здравството – вели  Сали и дополни дека, заедно со Владата, се бара начин како да ги намири здравството долговите за струја.

Како што потенцира Сали, здравството ќе функционира како и во изминатите 30 години и ќе има и струја и топлинска енергија.

Според премиерот Ковачевски, и за здравствените институции ќе има поевтина струја, како и за домаќинствата за 80 отсто  пониска и тие ќе може да излезат на регулираниот пазар на електрична енергија.

Раководството на гостиварската болница „Ферид Мурад“ деновиве се пожали дека за минатиот месец  ѓдобиле сметка за струја од 2,8 милиони денари. Според нив, загрозен е нивниот опстанок откако се зголемија трошоците за електрична енергија за над 800 отсто. До скоро, оваа здравствена установа плаќала 3,7 денари за киловат-час, а во последната фактура достигнал 36 денари.

За состојбата, управата на болницата ја информираше јавноста преку официјалниот профил на социјалните мрежи и наведува дека веднаш по владините препораки, започнале со примена на мерките за заштеда на електрична енергија.

– Ние, како институција, ги презедовме сите неопходни мерки (ограничувања) за намалување на потрошувачката на електрична енергија, но со анализата што ја направивме, наредните месеци ќе биде неиздржливо – стои во објавата.

Според нив, поради поскапувањето на електричната енергија, фактурата за август 2021 година, во однос на онаа за август 2022 година, бележи пораст од 451 отсто. За август 2022 година, болницата треба да плати 2.800.517 денари (45.536 евра). Болничката управа бара начин за надминување на состојбата и најавува проблеми во извршувањето на редовните обврски.

(В.Ма.)