Белгиската тенисерка Ким Клајстерс, која на 36 години ја продолжи тениската кариера, доби „вајлд-карта“ за мастерс турнирот Индијан Велс, САД, објавија организаторите.

Клајстерс победи на турнирот во јужна Калифорнија во 2003 и 2005 година, но не учествувала на него од 2011 година. Поранешната лидерка на светската ранг – листа се врати на теренот по осумгодишно отсуство претходно овој месец на турнирот во Дубаи, каде загуби на стартот во два сета од шпанската тенисерка Гарбине Мугуруза.

Организаторите исто така објавија дека првиот и вториот на светска ранг-листа – Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал – ќе добијат „вајлд-карта“ за турнирот во двојки.

Ѓоковиќ ќе  игра со својот сонародник Виктор Троицки, со кого го освоија АТП Купот, додека Надал ќе биде партнер со Марк Лопез, кој ја освои титулата во Индијан Велс во 2010 и 2012 година.

Турнирот во Калифорнија почнува на 9 март.