Културниот и информативен центар, КИЦ-Битола, јавна општинска установа која своите програмски активности ги реализира во битолскиот Офицерски дом и кино ,,Манаки”, во минатата година регистрира 65.000 посетители, публика која присуствувала на над 400 настани.

На прес конференција во Битола, директорката на КИЦ, Лили Бошевска истакна дека установата работи успешно, негува и создава културни вредности, финансиски е стабилна и ужива поддршка од локалната самоуправа и Министерството за култура.

-Во оваа година ќе реализираме новини, ќе го организираме фестивалот ,,Ех, таа серенада” кој минатата година беше реализиран со ретроспективна вечер, а годинава ќе биде со нови авторски композиции. Подготвуваме концерти на класична музика, изложба на графички дела од словенечки уметници, а како соработници ќе организираме биенале на минијатурна графика и цртежи, новина која очекуваме да предизвика голем домашен и меѓународен интерес, посочи Бошевска.

ЈОУ КИЦ-Битола доби согласност од Советот на Општина Битола да формира туристички информативен центар.

-Наш предизвик е туристичката дејност која ќе ја реализираме во нашите објекти, имаме нова веб страница, а издавачката дејност ќе ја збогатиме со ново списание за куктура и уметност. Задоволни сме што 4 наши апликации се сврстени и поддржани како проекти од национален интерес од Министерството за култура и секако од поддршката на нашата целосна програма што ни ја дава локалната самоуорава, нагласи Бошевска.

Со средства од Општина Битола наскоро ќе биде завршено партерното уредување на офицерскиот дом, а околината ќе биде осветлена со канделабри, беше соопштено на денешната прес конференција во КУЦ-Битола.