Кисела Вода внимание – урбаната мафија ќе гради седумкатница врз „Тинексот“ на „Првомајска“!

384

Жители на Кисела Вода се мобилизираат против измените во Деталниот урбанистички план „Кисела Вода“ – Реон Ј, Градска четврт Ј12, Блок 19, бидејќи велат дека на местото на објектот „Тинекс“, кој се наоѓа на булеварот „Борис Трајковски“ (поранешен „Првомајска“), е предвидено да се гради седумкатница.

– Кисела Вода, внимание! Урбаната мафија ќе гради седумкатница врз „Тинексот“. Ве повикувам на итна акција против безобѕирните општинари кои планираат да го изменат ДУП-от на Кисела Вода – да го срушат „Тинексот“ на „Првомајска“ (бул. „Борис Трајковски“) и да го искорнат зеленилото и на тоа место, простор колку за една бавча, да дозволат на тоа место да се гради седумкатница – стои во повикот до жителите на Кисела Вода.

Од општина Кисела Вода велат дека се работи за предлог-план, кој во моментов е изложен на јавна анкета од 13 до 26 ноември 2020 година.

– Сите граѓани имаат можност да го кажат своето мислење по однос на предлог планот за Реон Ј, Градска четврт Ј12, Блок 19 со поднесување на анкетен лист преку архивата во Општина Кисела Вода. Потоа сите анкетни листови ќе се разгледуваат од страна на комисијата за одговори по јавна анкета – соопштија од општината.

Инаку, за денеска беше предвидена јавна расправа во просториите на општината.

– Овој дел од Кисела Вода е веќе пренаселен и една ваква зграда на сите наоколу ќе ни го направи животот неподнослив. Кубуриме за паркинг-место, воздухот е отруен, а ќе го оптовари и училиштето „Невена Георгиева Дуња“, до кое идната грдосија ќе биде безмалку залепена. Фатете ги советниците и потсети ги за што биле гласани за избори! Мора да се спротивставиме. Сите во акција и да ја пресретнеме урбанистичка мафија на време – напиша Александар Божиновски на „Фејсбук“.

(С.Бл.)