РЕГИСТАР НА ЦЕНИ И ЗАКУПНИНИ: Кириите за становите во Струга како во скопски Центар

За стан од педесетина квадрати во Карпош, просечната месечна кирија е 240 евра, во Центар 221 евро, во Струга 220 евра, во Кисела Вода 172 евра, во Гази Баба 144 евра, во Аеродром 135 евра, во Ѓорче Петров стотина евра

712

Животот под кирија е најскап во скопската општина Карпош. Квадратен метар  таму се изнајмува во просек за околу 4,8 евра, што значи дека за стан од 50 квадратни метри кираџиите месечно треба да искешираат околу 240 евра.

Закупнините во Центар се пониски, но на сопствениците на станови во таа скопска општина им е најлесно да ги изнајмат. Според Регистарот на цени и закупнини што го води Агенцијата за катастар на недвижности во Центар во третиот квартал лани се дадени под кирија најмногу станови и тоа по просечна цена од 4,4 евра, или за 50 квадрати земено во просек месечната кирија е 221 евро. Во Скопје за просечна цена од околу 172 евра таков стан се изнајмува во Кисела Вода, во Гази Баба за 144 евра, во Аеродром  за 135 евра, а најевтино под кирија во главниот град се живее во Ѓорче Петров, каде што газдите за стан од педесетина квадрати во просек месечно наплатуваат стотина евра.

Од другите градови во државата според висината на закупнините за становите, по Карпош и Центар доаѓа Струга. Во овој туристички град стан под кирија е поскап отколку во Кисела Вода и чини 4,2 евра за квадрат или околу 210 евра за 50 квадратни метри. Според регистарот, во останатите градови кириите се далеку пониски. Така, стан од 50 квадрати во Битола се изнајмува за 122 евра, во Куманово за 106 евра, во Кочани за осумдесетина евра, во Охрид само за 78 евра, во Штип за 63 евра, а во Струмица квадрат станбена површина се изнајмува за нецело евро, па за педесетина квадрати месечно се плаќаат по околу 49 евра.

Во периодот од јули до крајот на септември лани катастарот евидентирал 499 закупи на станови и 139 закупи на куќи. Во Центар се дадени под кирија 141 стан, на второ место е Аеродром со 69 стана, а на трето место е Карпош со 62 закупени станови. Од градовите од внатрешноста најмногу станови под кирија има издадено во Битола – 16 и во Кавадарци – 14. Во Струга, каде е постигната најголема цена се регистрирани само пет закупи на станови. Може да се претпостави дека некои од нив биле ексклузивни, па ја кренале просечната цена.

Во Регистарот на цени и закупнини во третиот квартал од минатата година  се впишани вкупно 1.505 закупи.

-Најголем број од овие закупи припаѓаат на деловни простори и тоа 39%, односно 585 трансакции, станови со 33%, односно 499 трансакции, куќи со 13% од пазарот на закупи на недвижностите,односно 193 трансакции на ваков тип недвижност. Земјоделското земјиште учествуваат на пазарот со 9% закупи, градежното земјиште со 4% закупи, а додека индустријата и останатите недвижности со по 1% од вкупниот пазар на закупи на недвижности, стои во извештајот од Регистарот.

Во него не се издвоени кириите за деловниот простор општини, но има податок дека се закупени 76.243 квадратни метри по вкупна цена од 321.545 евра, што значи дека просечната цена на квадратен метар деловен простор во државата е 4,2 евра. Најмногу, 80 деловни простории се изнајмени во Центар, со 48 на второ место е Тетово, следат Карпош со 40, Аеродром со 34 и Битола со 33 дуќани и канцеларии дадени под кирија.

(С.В.)