Кириакидес: Од ЕМА утре очекуваме нови препораки за „АстраЗенека“

29

Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, утрово одговараше на прашања на европратениците од комисијата за јавно здравство на Европскиот Парламент, јавуваат од Брисел.

Таа соопшти дека побарала од Европската агенција за лекови (ЕМА) да излезе со подетални препораки за употребата на вакцината на „АстраЗенека“ откако Агенцијата потврди дека оваа вакцина може во многу ретки случаи да предизвика многу сериозни случаи на згрутчување на крвта во мозокот, абдоменот и артериите.

Откако ЕМА тоа го потврди, секоја земја членка на ЕУ донесе свои одлуки за употреба на вакцината, некои ја забранија под одредена возраст, некои целосно, а некои не воведоа никакви ограничувања.

Агенцијата не даде прецизни информации за тоа дали одредени групи имаат поголем ризик од други. Пред неколку дена ЕМА исто така потврди дека постои поврзаност помеѓу вакцината на „Џонсон и Џонсон“ со случаи на тромбози.

-Потребен ни е кохерентен пристап, ЕМА даде мислење за „Џонсон и Џонсон“ и видовме дека некои земји членки заземаа построги позиции за „АстраЗенека“, поради ова побарав од ЕМА да излезе со ново научно мислење за АстраЗенека и очекувам утре да кажат што да се прави со втората доза вакцина, како и информации за родовите и возрасните аспекти, изјави денеска Стела Кириакидес.

Еврокомесарката за здравство се осврна и на стратегијата за вакцинација на деца.

-Треба да имаме вакцини адаптирани за децата, ова е многу важна област, но не можам за сега да коментирам за деталите, додаде главната одговорна за здравство во Европската Комисија.

Што се однесува до набавката на вакцини, таа ги увери европратениците дека и покрај слабостите во првиот квартал од оваа година, ситуацијата се подобрува и се очекуваат најмалку 300 милиони дози во вториов квартал, од кои 250 милиони од „Фајзер“, 35 милиони од „Модерна“, 55 милиони од „Џонсон и Џонсон“ и 70 милиони од „АстраЗенека“.

-Бројката за „АстраЗенека“ е значително пониска од тоа што било начелно предвидено, потврди Кириакидес.

Таа ги истакна и позитивните последици од досегашната вакцинација во ЕУ и потсети кај населението што е целосно вакцинирано се забележува значителен пад на хоспитализациите и морталитетот.