Првата македонска крими-серија „Бистра вода“, својата кино-премиера ќе ја има на 1 март, 20 часот, во „Синеплекс“, додека на малите екрани ќе почне да се емитува од 5 март на ТВ Алфа. Продуцент, сценарист и режисер на оваа крими-драма, инспирирана од вистински настани, е Јани Бојаџи. Приказната е современа, актуелна и силно ја рефлектира денешницата, блиското минато, но и  едно подалечно минато на македонскиот народ

„Едно убиство, голема мистерија и многу лични тајни…“. Вака накратко може да се најави најновата и воедно прва македонска крими-серија, која својата кино премиера ќе ја има на 1 март, 20 часот во „Синеплекс“, додека на ТВ Алфа ќе почне да се емитува од 5 март.

Македонските серии отсекогаш привлекувале огромно внимание кај домашната публика, но она што овој пат е интересно е што се работи за крими-драма инспирирана од вистински настани, чиј продуцент, сценарист и режисер е Јани Бојаџи.

„Ана е човек во секоја смисла на зборот. Но, дали вреди да си чесен во нечесен свет, каде што валканата конкуренција сака да те збрише? Ќе успее ли да остане човек, или ќе премине ‘на темната страна’?”, “Какви чувства има Лина кон својот сопруг? Дали преголемата љубов кон него ќе ја спречи во исполнување на својата цел? Или тоа ќе и овозможи слобода и потпора во тоа што сака да го исполни? На чија страна е Лина и со кого?”, “Има ли повеќе ‘банди’ или сите на некој начин сме дел од иста ‘банда’? Има ли цена другарството, постои ли апсолутна доверба или и од најблискиот пријател човек треба да се чува и да има ‘џокер во ракав’ за недај Боже?” … Ова се само дел од прашањата и дилемите на кои одговор дава токму оваа серија, која сигурно ќе ја заинтригира македонската публика.

„Бистра вода“ се снимаше на повеќе од 50 локации во Скопје, но и низ целата држава, а актерската екипа ја сочинуваат над 70 македонски актери меѓу кои: Мони Дамевски, Мето Јовановски, Дејан Лилиќ, Зоран Љутков, Роберт Вељановски, Васил Зафирчев, Горан Стојановски, Владо Јовановски, Јелена Жугиќ, Маја Љутков, Јана Вељановска, Ирена Илиевска, Рубенс Муратовски…

„Мојата улога е една од поголемите, доста блиска и сродна со мене. Се разбира, не по работите кои се случуваат во серијата, туку според карактерот. Искрено, доста се поистоветувам со мојот лик. Инаку, повеќето работи во серијата се случуваат во семејство, но се работи и за тоа како надворешниот свет влијае врз нив и како протагонистите се снаоѓаат во тој свет во кој живеат. Јас го толкувам ликот на Мила. Таа е внука од сестра на главниот лик кој живеел во странство долго време. Тој се враќа во Македонија и почнуваат да се враќаат работите кои биле причината зошто тој  избегал“, посочи неодамна во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, Јана Вељановска, која е дел од екипата на „Бистра вода“.

Од „Синемон медиа фактори“, пак, посочија и дека приказната е современа,  актуелна и силно ја рефлектира денешницата, блиското минато, но и едно подалечно минато на македонскиот народ. Серијата разработува и многу сегменти од општествениот, политичкиот и културниот живот во нашата држава последниве неколку децении.

Инаку, снимањето на „Бистра вода“ започна минатата година (јуни) во манастирскиот комплекс „Свети Пантелејмон“ во Горно Нерези. Серијата се роди како идеја на Љупчо Тодоровски Упа, Мони Дамевски, Јани Бојаџи и Владимир Карпузовски пред 12 години. Од „Синемон медиа фактори“ посочија дека овој серијал е сеќавање и во чест на Љупчо Тодоровски Упа, кој не го дочека снимањето. (Д.Т.) Фото: ФБ/Бистра вода