Кинотеката го отвора Летното кино со филмска вечер посветена на Желимир Жилник

115

Со проекција на култниот филм „Рани трудови“ (Rani radovi), на режисерот и сценарист Желимир Жилник на 31 мај, со почеток од 21 часот, Кинотеката го отвора Летното кино. Следната вечер, на 1 јуни, во 21 часот ќе биде прикажан и документарецот „Журнал за Желимир Жилник“ на Јанко Баљак, посветен на еден од најангажираните творци на ексјугословенската кинематографија.

Жилник и Баљак ќе присуствуваат на проекцијата и публиката ќе има прилика да разговара со нив, посочуваат од Кинотеката од каде потсетуваат дека Жилник бил гостин и во 2008 година кога е прикажан дел од неговиот исклучителен опус. „Петнаесет години подоцна, еве го Жилник повторно како гостин во Кинотеката, на отворање на летното кино“, велат оттаму.

Инаку, во играниот филм „Рани трудови“ на алегоричен начин се прикажани неколку млади учесници во студентските демонстрации, одржани во јуни 1968 година во Белград, кои се спротивставуваат на малограѓанското секојдневие. Во желбата да го „променат светот“, а инспирирани од текстовите на Карл Маркс и Фридрих Енгелс во младите години (подоцна најчесто објавувани под насловот „Рани трудови“), тие одат низ селата и фабриките, за да ја „разбудат свеста“ на луѓето и да ги охрабрат во борбата за еманципација и достоинствен живот. Toa е филм за една девојка и три момчиња обземени со прашањето дали е можно секој да стане господар на сопствената судбина. Во почетокот наидуваат на публика, луѓе што внимателно ги сослушуваат, но потоа ги отфрлаат нивните идеи бидејќи се премногу радикални. Сфаќајќи дека народот не ги прима нивните пораки, тие решаваат да страдаат заедно со него. Кога им здосадува, момчињата ја спасуваат девојката од маките со тоа што ја полеваат со бензин и таа исчезнува во пламенот… а останатите, најпосле среќни и исполнети, си продолжуваат да живеат. Во 1969 година, филмот ја добива „Златната мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал „…заради предизвикувачката конфронтација на идеологијата и реалноста, за случајната брилијантност со која ги хуманизира политичките апстракции и ја прави драмата модерна по својата форма и содржина…“. „Рани трудови“ во март 1969 година бил забранет за прикажување, а во јуни, кога го освоил „Берлинале“, против него бил започнат судски процес поради „вознемирување на југословенската јавност“.

„Журнал за Желимир Жилник“ – документарниот филм за филмското и ангажираното творештво на култниот српски режисер Жилник, пак, истовремено претставува и патување низ историјата на Југославија. Со својот специфичен докудрама стил, овој автор, успеал да остане ангажиран, храбар и пред сè креативно слободен со тоа што со децении работел главно нискобуџетни проекти. Жилник, како еден од главните претставници на југословенскиот филмски „црн бран“, не еднаш бил соочен со цензури, осудувања, отфрлања, забрани. Филмот на Баљак е приказна за неговата непрекината борба на обесправените општествени малцински групи да им се даде глас.