Архитектурата го прикажува цивилизацискиот развој на државите, па според тоа, Кина со своите архитектонски дела се наоѓа на самиот светски врв.

Големиот број градителски дела низ цела Кина,  од минатото, сè уште ги восхитуваат илјадниците туристи, а современите градби им го запираат здивот.

Едно од современите чуда на кинеската архитектура претставува Националниот театар или Бисерот на вода, како што го нарекуваат во Кина.

Импозантен по своите форма, позиција и габарит, театарот се протега на површина од 219.000 квадратни метри. Ова величествено здание е сместено на вештачкото езеро на пекиншкиот плоштад „Тјенанмен“, има форма на полуелипса, која создава илузија дека театарот плови по водата.

Ентериерот на театарот е смислен така за публиката да биде релаксирана и за да ужива и додека се движи низ него. Особено внимание ѝ е посветено на удобноста на посетителите, така што седиштата се опремени со вентилатори, кои одржуваат пријатна температура во пространите сали, како и со спречувачи на звук, кои овозможуваат при напуштањето на театарот да не се создава бучава што ќе им пречи на другите.  Екстериерот е составен од метал на кој се вградени титаниумска мрежа и стакло преку кое, во текот на денот, се одбиваат сончевите зраци и кое служи како небесно огледало, а во текот на ноќта, објектот изгледа како споменик над езерото, осветлен со специјални светла.

Во внатрешниот и во надворешниот дел на театарот преовладуваат златната и црвената боја. Особено впечатливи се ѕидовите, кои се изградени од специјално стакло и кои стануваат проѕирни создавајќи оптичка илузија меѓу внатрешноста и околината надвор, со што се создава ефект на „губење“ во времето и просторот.

Покривот е во форма на стаклена купола и посетителите што ќе купат карта за повисоките ложи, имаат посебно доживување, како да се дел од ѕвездено небо.

Во Националниот театар има опера, голема сцена и концертни сали, што заедно претставува еден културен комплекс што се разликува од традиционалните театарски сцени. Во склоп на театарот има и книжарници, продавници за сувенири, изложбени салони, кафетерии и ресторани, со што целиот простор остава впечаток на еден уметнички кварт под стаклено ѕвоно.

Програмата што се изведува на главната сцена, најчесто ѝ е посветена на кинеската народна песна, поезија и на кинеските претстави и поради тоа, на тој простор, акцентот е ставен на црвената боја во просторот. Магијата на кинеската драмска уметност, која е раскошна и живописна, на оваа сцена често е збогатена со холограми во заднината на сцената,  но покрај тоа, се играат и театарски претстави од современите автори, како и од  светските драмски класици.

Кинескиот Национален театар е еден од најрепрезентативните примери на  врвните достигнувања на современата кинеска архитектура. Посетителите имаат можност да ги гледаат најдобрите светски и кинески достигнувања во театарот, музиката, балетот, но покрај тоа, театарот е посетуван и од голем број туристи, кои сакаат да го видат најголемиот светски театар и модерно архитектонско чудо. Иако најчесто Кина се поврзува со подемот во технологијата и во економијата, сепак, архитектонските достигнувања на оваа земја докажуваат дека и во минатото и денес Кина има традиција на создавање врвни архитектонски дела.