Во последните неколку месеци, на археолошкиот простор Саншингдуи се пронајдени околу 500 предмети меѓу кои златни маски и фолии, празничен сад, нож и бронзена фигура и многу предмети што го стави на мапата на вредни археолошки локалитети во светот

 

Остатоци од златна маска стара 3.000 години се пронајдени на археолошки локалитет во кинеската провинција Сечуан. Оваа вест одекна низ светот не толку одамна и ги возбуди археолозите, историчарите, вљубениците во артефакти, но и туристите од целиот свет.

“Маската тежи околу 280 грама и се проценува дека е изработена од 84 проценти злато. Церемонијалната маска е една од над 500 предмети ископани од шест новооткриени т.н. “жртвени јами”, е информацијата од Националната управа за културно наследство на Кина.

Наодите се пронајдени во Саншингдуи, област 4,6 километри оддалечена од главниот град на провинцијата Ченгду. Некои експерти велат дека предметите би можеле дополнително да ја расветлат античката држава Шу, царство кое владеело со западниот басен на Сечуан сè додека не било освоено во 316 година пред нашата ера, проследија реномираните светски медиуми.

Покрај златната маска, археолозите открија златни фолии и артефакти направени од слонова коска.

Повеќе од 50.000 антички артефакти се пронајдени во Саншингдуи во 1920-тите, кога локален земјоделец случајно наишол на бројни мошти на местото кое стане светски познат локалитет за артефакти. Големото откритие се случи во 1986 година со откривање на две церемонијални јами во кои имало повеќе од 1.000 предмети, вклучувајќи сложени и добро сочувани бронзени маски.

Илјадници артефакти се пронајдени на оваа локација во последните 100 години, а златна маска со тежина од 100 грама беше пронајдена и во јуни годинава. Се верува дека маската била дел од поголема бронзена глава, а не посебен предмет. Маската најверојатно датира од доцната династија Шанг.

 

Во последните неколку месеци, во споменатиот археолошки простор беа пронајдени околу 500 предмети меѓу кои празничен сад, нож и бронзена фигура. Многу предмети биле изгорени пред погреб, што покажува дека биле користени за жртвени цели.

По долга пауза во истражувањето, нови јами беа пронајдени на крајот на 2019 година. Експертите веруваат дека јамите биле користени за жртвени цели, објаснувајќи зошто многу предмети се изгорени и закопани.

Се верува дека Сансингдуи се наоѓал во срцето на државата Шу, за која историчарите знаат релативно малку поради оскудните записи. Наодите пронајдени на местото датираат од 12 и 11 век п.н.е., а многу предмети сега се изложени во музејот.

Наодите ќе помогнат да се разбере развојот на цивилизациите во древна Кина. Особено доказите за единствената култура на Шу сугерираат дека царството се развило независно од соседните општества во долината на Жолтата Река, која традиционално се сметаше за лулка на кинеската цивилизација.

Сонг Шинчао, заменик-директор на Националната управа за културно наследство, вели дека новите откритија го збогатуваат и продлабочуваат разбирањето на културата Саншингдуи. Откривањето на свилата, исто така, може да го прошири разбирањето на Шу.

Античката култура на Кина се создавала до 1840 година и има типични карактеристики: кинеска традиции, калиграфија, сликарство, музика и опера, образование, филозофија, економија, наука, политика и друго.

Саншингдуи сè уште не е под заштита на УНЕСКО, а во музејот на оваа локација  се изложени бројни артефакти.