Кил со камата му наплати на Целје, Барса не знае за пораз

34

Ракометарите на германскиот бундеслигаш Кил, со камата му наплатија на Целје за сензационалниот триумф во нивната прва пресметка во сезоната во Лигата на шампионите. Германскиот гигант не дозволи уште едно изненадување против незгодниот противник и со 39:27 ја забележа шеста победа во групата Б, во најквалитетното клупско ракометно натпреварување. На првото нивно соочување во Словенија, Целје извојува голем триумф од (38:36).

-Кил навистина беше многу добар на овој натпревар, особено во одбраната. Но мора да кажам дека и нападот им беше убиствен и ние немавме одговор за тоа. Знаевме дека ќе ни биде тешко да играме против нив и затоа нема за што да жалиме и ќе го свртиме вниманието кон следните натпревари, изјави тренерот на Целје, Алем Тоскиќ.

Јакобсен со девет гола беше најпрецизен во таборот на Кил, а солидни беа и Дувњак и Зарабец со по пет гола. За поразениот тим се истакнаа Јанц и Сухолезник со по пет гола.

Екипата на Барселона продолжи да биде неприкосновена во Лигата на шампионите и со домашна победа над ПИК Сегед (35:25) и по 13 кола не знае за пораз во групната фаза.

Каталонскиот тим си ја реши задачата со одличното прво полувреме во кое го надигра противникот и на пауза замина со предност од 20:10. Најдобри кај стрелците беа Мем, Фабрегас и Јанц со по пет постигнати гола, а кај унгарскиот тим, Роста стрела пет пати.

Алборг не виде мака против Елверум и славеше со 31:24. Клар со шест и Палмарсон со пет гола беа најрасположени кај данскиот тим, додека Бромген со шест погодоци беше прв стрелец кај Елверум

ППД Загреб имаше сила да му парира на бундеслигашот Магдебург едно полувреме (25:31). Прв стрелец кај Магдебург беше холандскиот репрезентативец Смитс со девет гола, пред Мертенс со седум постигнати гола, додека кај хрватскиот шампион, Чупиќ даде шест гола, а Чавар стрела четири пати.