Кик-боксинг клубот „АС“ се подготвува за настап на балканскиот куп во Сараево

83

Кик-боксинг клубот „АС“ од Делчево ги прави последните подготовки за престојниот „Wakko Gand Prix 2019“ што овој викенд ќе се одржа во Сараево.

Како што информира тренерот на екипата од Делчево, Љупчо Стојчевски, кој воедно е и селектор на јуниорската кик-боксинг репрезентација, предигра за настапот во Сараево беше неодамна одржаното државно првенство во кик-боксинг.

– Во Сараево традиционално настапуваме на реномираниот Балкански куп на кој ќе учествуваат најдобрите кик-боксери од Балканот. Подготвени сме за тој предизвик од кој очекуваме добри резултати. Пред овој настап, како кик-боксинг клуб „АС“ имавме настап на државно првенство на кое двајцата кик-боксери Дилан Ивановски и Павел Стојчевски освоија два медала. Павел Стојчевски настапи во дисциплината „Kick-light“ за помлади кадети (-37 килограми), во која категорија го освои бронзениот медал, додека Дилан Ивановски исто така се натпреваруваше во дисциплината „Kick-light“ за постари кадети (-42 килограми) во рамки на чиј настап освои сребро, вели Стојчевски.

На настанот што ќе се одржи овој викенд во спортската сала „Илиџа“ во Сараево ќе учествуваат околу 500 учесници од нашата земја, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Стојчевски на овој Куп ќе ја има улогата и на меѓународен судија.