Сојузот на синдикатите на Македонија бара од Министерството за труд и социјална политика итно да ја коригира објавата во „Службен весник“, во која е наведено дека висината на минималната плата во бруто-износ од 29.739 денари, во Македонија, започнувајќи од април 2023 година. Весникот ВЕЧЕР побара одговор од ресорното министерство, што е точно, она што беше информирано на прес-конференција во Владата или она што е објавено во Службен весник. Од Министерството за труд и социјална политика потврдија дека согласно Законот за минимална плата, работодавците се должни утврдениот бруто-износ за 2023 година од 29.739 денари, да го пресметаат и исплатат со платата за март, најдоцна до 15 април.

 

Сојузот на синдикатите на Македонија бара од Министерството за труд и социјална политика итно да ја коригира објавата во „Службен весник“, во која е наведено дека висината на минималната плата во бруто–износ од 29.739 денари, во Македонија, започнувајќи од април 2023 година. За  оваа грешка остро реагираат од ССМ и велат дека Владата прави обид да заштеди со тоа што еден месец нема да ја коригира платата на најсиромашните работници.

Од Синдикатот сериозно се загрижени и изненадени од обидот на Владата преку Министерството за труд и социјална политика да ги манипулира најниско платените работници, тие кои, всушност, очекуваат грижа и заштита од државата која претендира да биде демократска, социјална и европски ориентирана.

-Во „Службен весник“ бр. 58 од 16 март годинава е објавено дека висината на минималната плата во бруто–износ во Македонија, започнувајќи од април 2023 година, изнесува 29.739  денари. Оваа објава е спротивно на измената на член 4 од Законот за минимална плата направена со Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата „Службен весник“ бр. 41 од 24 февруари 2022 година, со кој е уредено дека исплатата на ново утврдената висина на минималната плата ќе се врши со исплата на платата за март тековната година. На овој начин државата прави обид да заштеди со тоа што еден месец нема да ја коригира платата на најсиромашните работници и граѓани што е преседан во однесувањето на демократските системи и влади, реагираат од ССМ.

Весникот ВЕЧЕР се обрати официјално до ресорното министерство, од каде што побара одговор што е точно она што беше информирано на прес-конференција  во Владата од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска дека минималната плата ќе биде коригирана уште за март годинава на износ од 20.175 денари или она што е објавено во „Службен весник“ дека почнува примената од април. Од Министерството за труд и социјална политика потврдија дека согласно Законот за минимална плата, работодавците се должни утврдениот бруто-износ за 2023 година од 29.739,00 денари, да го пресметаат и исплатат со платата за март.

– Во согласност со Законот за работните односи, платата за март треба да се исплати најдоцна до 15 април 2023 година, посочуваат од МТСП и дополнуваат дека ниту еден работник со мартовската исплата нема да му биде исплатена плата помала од 20.175 денари. 

Од Синдикатот велат дека  секогаш будно ја следат актуелната состојба, за да  бидат коректор на владините политики што прават штета на работниците. Што се однесува за реакциите на министерот за економија, Крешник Бектеши и премиерот Димитар Ковачевски, дека  реалната синдикална кошничка е 43.624 денари, а не 50.909  денари како што ја пресметал синдикатот, од ССМ одговараат дека методологијата на пресметката е стара повеќе од десетина години, така се пресметува од 2011 година. Бектеши деновиве кажа дека советниците му укажале дека има двојното сметање на инфлацијата во минималната синдикална кошничка којашто ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија.

-Синдикалната кошничка треба да покаже колку реално му се потребни на едно четиричлено семејство да го преживее месецот и да има нормален живот. На граѓаните не им требаат министрите и нивните советници, тие  секојдневно се борат, не можат крај со крај да сврзат за да имаат нормален живот – велат од ССМ и дополнуваат дека синдикалната кошничка ги вклучува во себе основните трошоци за живот, храна плус пијалаци, која изнесува над 19 илјади денари што е приближно на минималната плата.

ССМ при објавувањето на потрошувачката кошничка за последните неколку месеци, покрај стандардните трошоци за исхраната и пијалаци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура и одржување на здравјето, за првпат има воведено и осма ставка – инфлацијата, на којашто директно реагираат од Владата. За Синдикатот ова е лоша владина политика, бидејќи 100 денари со инфлацијата од 14,2 отсто сега се 86 денари.

-Ако владините министри сметаат дека 50.909 денари се премногу за да преживее едно семејство кое брои четири члена, тогаш очигледно дека се работи за лоша владина политика – децидни се од ССМ. 

(В.Ма.)