Како и секоја година, декември е резервиран за прогласување на најдобрите спортисти. Па така, во изборот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), стрелачката Оливера Наковска-Бикова и борачот Владимир Егоров се закитија со најпрестижните награди во изборот на АМС, односно беа прогласени за најуспешни спортисти за 2022 година.

За најдобри национални тимови избрани се машката и женската ракометна репрезентација на Македонија, додека за најуспешна федерација, избрана е Ракометната федерација на Македонија (РФМ). Најуспешен селектор е Дејан Митровски во кик-бокс.

Кирил Лазаров и Горан Пандев, кои во 2022 година ја завршија богатата интернационална и репрезентативна кариера, добија специјални награди како спортски великани.

Но, изборот на најдобрите наиде на негодување во таборот на сребрениот олимпиец Дејан Георгиевски. Имено, неговиот тренер, Дарко Костовски, на социјалните мрежи  реагираше на изборот истакнувајќи дека предност добил натурализиран спортист пред нашите медалисти.

Дејан Георгиевски оваа година имаше забележителни резултати, како и медали од престижни Гран При натпреварувања, меѓутоа предност доби борачот Владимир Егоров, кој освои златен медал од Европското првенство.

  • Каква порака се испрати на младите македонски спортисти кои сонуваат за врвни олимписки резултати, кој повеќе се цени – нашиот домашниот спортист или некој што нема допир со Македонија!?
  • Да имаше драстична разлика помеѓу резултатот на Егоров со вториот резултат по него, разбирливо би било, но вака!?
  • Уште еден парадокс, Дејан Георгиевски бронза финале ГРАНД ПРИ олимписки спорт, европски шампион на клубско европско првенство, Филип Додевски петти на светско првенство во олимписки спорт, Дејан прворангиран спортист за најдобар спортист годинава, а Борче Костовски нивниот главен тренер не беше ниту номиниран за најдобар тренер оваа година. Кој толку се исплаши и зошто и оваа година Борче Костовски да биде најдобар тренер во Македонија!?
  • Не е првпат да нè минираат, во 2017 на Дејан Георгиевски му го оспорија првото злато на европско првенство во олимписки спорт за Македонија како независна држава. Сето ова изгледа ќе мораме да го засениме со уште еден, или можеби два олимписки медали иако до олимписките игри во Париз оние кои сега избираат веќе ќе бидат минато и искрено се надевам дека многу работи во македонскиот спорт коренито ќе се променат!
  • Одиме понатака, ЗА МАКЕДОНИЈА!, гласеше пораката на Дарко Костовски.

Инаку, изборот на најдобрите на АМС го сочинуваат:

Спортистка на годината: Оливера Наковска-Бикова (парастрелаштво)

Спортист на годината: Владимир Егоров (борење)

Најуспешна спортска екипа (основно): ОУ „Васил Главинов“ – Велес

Најдобра спортска екипа (средно): СОУ „Нико Нестор“ – Струга

Најуспешна спортска екипа (универзитет): Карате тим на УКИМ

Подвиг на годината: Марко Пејчиновски (пливање)/Харис Беќири (еверестинг)

Најдобра млада спортистка: Јадранка Темелкова (кик-бокс)

Најдобар млад спортист: Петар Арсовски (бокс)

Најдобар женски национален тим: Сениорска ракометна репрезентација

Најдобар машки национален тим: Сениорска ракометна репрезентација

Најуспешен селектор: Дејан Митровски – Урко (кик-бокс)

Најуспешна федерација: Ракометна федерација на Македонија

Награди за величествени кариери: Кирил Лазаров и Горан Пандев