Кога ќе се спомене зборот „фудбал“ речиси секогаш потсетува на машка игра, но најважната споредна работа во светот сè повеќе се популаризира и кај дамите. Фудбалот, дриблањето и давањето голови и одат од рака или „од нога“ на девојката од Велес, Ленче Андреева. За нејзиното име сигурно сте слушнале, бидејќи станува збор за најдобрата македонска фудбалерка за 2019 година која моментно ги брани боите на Каменица Саса.

Во ситуација кога не го знаеме патот од штикли во копачки, за општата состојба во женскиот фудбал, зборувавме со македонската репрезентативка која даде оценка за досега постигнатото и целите за во иднина, дали платата која ја добиваат фудбалерките од одредени клубови е доволна, кој е нејзиниот идол, како и кој е главниот проблем во македонскиот женски фудбал…

ФОТО: Ѕ. Плавески

Ќе можете ли да ни дадете една оценка за тоа што го постигнавте минатата година?

Изминатата година беше навистина добра за мене. Минатата сезона настапував за женскиот фудбалски клуб Драгон, со кој ја освоив шампионската титула. Меѓутоа, потоа преминав во друг клуб (Каменица Саса) и сега можам да кажам дека ми е уште подобро. Можам да кажам дека ова е клуб кој максимално вложува во нас фудбалерките, за разлика од претходните клубови во кои настапував во Македонија. Можеби тоа е затоа што имаме сериозен спонзор, кој вложува и верува во нас, па затоа условите се на ниво.

Дали платата која ја земате е доволна за една фудбалерка да функционира, односно да продолжи да вложува во себе?

Па видете, се работи за просечна плата во Македонија, за разлика од другите спортисти кои можат да се пофалат со далеку постабилни финансиски примања. Меѓутоа, за разлика од претходните клубови во кои бев, овој тим најмногу инвестира, а покрај платата добиваме и бонуси, награди, располагаат со одлична опрема и за тренинзи и за натпревари. Сите услови се исполнети, а воедно се надеваме дека во иднина ќе ни бидат зголемени наградите и бонусите. Оваа полусезона покажавме дека навистина вредиме (имаат 11 победи и едно реми), на врвот на табелата сме и се надеваме дека ќе бидеме наградени. Меѓутоа, знаете, во Македонија не се финансира премногу во женскиот фудбал. Реално, многу малку клубови даваат плати на девојките, ако не се лажам само три-четири екипи.

ФОТО: П. Стојановски

Дали сметате дека финансиите се главниот проблем во нашата држава кога е во прашање женскиот фудбал?

Покрај финансиите сметам дека и инфраструктурата се двата главни проблеми кај нас. Мислам дека на прво место се финансиите, многу малку се вложува во женскиот фудбал. Исто така слабо е полуларизиран, многумина се чудат кога ќе им кажам дека играм фудбал. Луѓето не се ни запознаени дека воопшто постои женски фудбал кај нас. Пред една деценија бевме домаќини на едно Европско првенство за репрезентации до 19 години, во која бев и јас, и токму тогаш малку публицитетот околу овој спорт во женска конкуренција зазема замав, но тоа остана зад нас – многу брзо згасна. Што се однесува до инфраструктурата, можам да кажам дека терените се навистина лоши, нема услови за игра. На пример во Куманово теренот е навистина лош, тешко се игра, исто така во Радовиш. Има многу терени со вештачка трева, а од нив можам да кажам дека само во Велес е во ред теренот, на останатите е навистина лошо. Токму поради тоа и женската репрезентација бележи резултати кои не се премногу посакувани кај јавноста. Факт е дека ако има подобра лига, а првично се елиминираат сите недостатоци и повеќе не се водиме како аматери, ќе имаме далеку посилна репрезентација и резултатите ќе бидат сосема поинакви. Ќе имаме поголем фонд на девојчиња, но кај нас лигата навистина не функционира на највисоко ниво. Дури ние моментно се водиме како аматери, а не како полупрофесионалци или професионалци, иако станува збор за прва лига и играме квалификации за ЛШ. За разлика од другите држави, имаме навистина слаба лига. На пример, против некои тимови можеме да победиме со 20-30 разлика, некои смешни резултати, што само по себе покажува за каква лига се работи. Можам да кажам дека конечно оваа сезона има три-четири екипи со кои ќе се бориме за тоа прво место, за разлика од порано, кога сите играчи бевме собрани во еден клуб.

Дали сето ова значи дека нема уште долго да останете во оваа лига?

Па… да бидам искрена, имав неколку понуди во минатото, пред се говорам за понуда од Интер од Милано, како и некои други. Но, за моја несреќа, токму во тој период се повредив, па затоа не можев да потпишам за мојот омилен тим (Интер). Потоа, една сезона бев во Албанија, иако ќе речам дека нема некоја голема разлика во однос на нашата лига, единствено вложуваат поголеми финансиски средства. Исто така имам уште неколку понуди добиено, меѓутоа сите тие беа од балканските клубови, што значи дека функционираат идентично како и нашите клубови. Исто така играв во Швајцарија, за Рапид Лугано, во тоа време бевме на врвот на табелата, меѓутоа поради документација, бидејќи се водев како аматер, не успеавме да средиме, па повторно се вратив во Македонија. Бидејќи се водиме како аматери, многу е тешко да се излезе од нашава земја, бидејќи речиси секој клуб бара минимум полупрофесионална фудбалерка. Искрено, во Македонија има многу добри фудбалерки кои можат да играат надвор од нашата земја.

Кога би имала шанса за избор, каде би сакала да ја продолжиш кариерата?

Кога бев во Лугано, ми се допадна нивната лига и натпреварите кои ги играат. Таму е војна за секоја топка, за секој дуел. Одиграв неколку натпревари и можев да видам дека секој мора максимално да биде физички и психички подготвен, како и технички „поткован“. Исто така ми се допаѓа и Германија, која е една од подобрите лиги, исто како и Шведска. Сметам дека во Франција лигата е најдобра, исто и Шпанија. ПСЖ и Лион се многу силни. Баш како дете играв против Лион (Франција) во квалификациите за ЛШ и можам да кажам дека играат како мажи.

Дали во блиска иднина може да се очекуваат далеку подобри резултати кога е во прашање женската репрезентацијата?

Дефинитивно се сложувам со вас. Играме многу поквалитетно за разлика од претходните години и како што кажав, имаме навистина добри фудбалерки кај нас. Едноставно, потребно е да функционираме како колектив, можеби тоа е она што ни е потребно. Ако почнеме да функционираме како колектив, ќе бележиме далеку подобри резултати, бидејќи како поединки има навистина добри фудбалерки. Исто така треба многу повеќе да се работи во лигата, затоа селекторот за само неколку дена, кога ќе дојде репрезентативната пауза, не може да направи чудо од нас. Мислам дека наредните квалификации ќе бидеме во полн сјај, ќе бидат голема шанса да го трасираме патот до едно големо натпреварување. Веќе и девојките се поискусни, а тоа најдобро се гледа на теренот. Сепак, недостасуваат финансии, бидејќи речиси сите девојки кога ќе дојдат на 19-20 години не им е сигурна иднината, не знаат дали да продолжат по овој пат или да се откажат од фудбалот, бидејќи многу лесно може да ти заврши кариерата и да останеш без ништо во животот. Сите велат не споредувајте се со машката селекција. Јас сум сигурна дека и машката репрезентација да игра со Франција ќе прими многу голови. Меѓутоа, кај нив има респект кон противникот, за разлика од кај нас. Кај нас жените нема пардон, противникот ќе те прегази буквално. Ако те гледа дека си слаб противник ќе ти даде 15 голови, ќе гледа да те наполни до максимум.

Кој дел од кариерата би сакале да го заборавите, а кој ќе остане засекогаш во Вашите спомени?

Дел од мојата кариера ја поминав во клубот Наше такси, бевме шампиони на Македонија и игравме квалификации за ЛШ. Првиот меч игравме со ПАОК, тие беа фаворити во групата, токму тој ден ми беше роденден, дадов гол и ги победивме. Тоа беше прва историска победа за еден наш клуб во најквалитетното натпреварување. Вториот меч игравме против Јанг Бојс, несреќно загубивме со 3-1. Третиот меч победивме со тим од Молдавија со 6-0 и само поради полоша гол-разлика не ја минавме групата. Овој дел од кариерата засекогаш ќе го паметам. Тука се виде дека ние навистина можеме да играме фудбал. Клубот постоеше само две години, а за нив успеавме да направиме тим кој ќе може да се натпреварува и во елитните натпреварувања. Тоа покажува дека не се потребни преголеми вложувања, да има плати за девојките и нормални тренинзи, а резултатите ќе си дојдат сами по себе. Меѓутоа, потоа дојдоа разочарувањата, почнавме да тонеме и тонеме, се до оваа сезона која повторно почнав да верувам дека фудбалот повторно ќе се подигне на едно повисоко ниво.

Кој е Вашиот идол?

Прво, јас сум навивач на Интер, а мој идол е Ибрахимовиќ. Тој беше првиот фудбалер на кој му се восхитував како игра. Тогаш не ни играше во Интер, беше во Ајакс, но беше премногу моќен на теренот, беше совршен. Јас сум страстен фан на Интер и не ги пропуштам нивните натпревари.

Кој клуб има најреални шанси да ја освои титулата во Лигата на шампиони?

Дефинитивно Манчестер Сити. Според мене тие се најкомплетен клуб и ги следам изминатите неколку години и можам да кажам деа се зрели за освојување на трофејот оваа година. Сметам дека било кој противник да им застане на патот, ќе го минат без проблеми, иако покажаа дека и тие имаат лоши денови.

За на крај вечната дилема – Меси или Роналдо?

Роналдо. Реално, тој ми е многу комплетен фудбалер, може да даде и со глава гол поради својата висина, поколективен ми е. Премногу работи на себе. Што се однесува до Меси, тој е преталентиран, нешто натприродно. Постојано имам дебата со луѓето за тоа дека е многу потешко да играш со играч кој е премногу низок, а таков е Меси, и тешко е да го нападнете и да ја освоите топката.

Марио СОТИРОВСКИ

Кристијан ТРАЈКОВСКИ