Кафуле во Виена послужува само НЕВАКЦИНИРАНИ гости

110

Додека низ цела Австрија важи правилото дека во кафулиња и ресторани можат да одат само луѓето кои имаат сертификат за вакцинација, потврда за прележан ковид 19 или негативен тест, кафулето „Штробл“ во Волфгангзе во провинцијата Салцбург одлучи да служи само невакцинирани лица.

Кој сака да дојде во ова кафуле не смее да биде вакциниран, а сопственичката одбила секаков разговор за нејзината одлука.

На прашањето зошто вакцинираните не се добредојдени, сопственичката на малото кафуле што работи како дел од нејзината био-продавница не сакала да одговори. Не само на медиумите, односно австриската радио и телевизија ОРФ и други дневни весници, туку и на градоначалникот, општината и туристичките работници во Волфгангзе.

“Можеш само да се смееш, да мислиш за себе и да апелираш до гостите да не одат таму. Бидејќи тоа не одговара на нашите упатства”, ја опоменал градоначалникот Јозеф Вајкингер, истакнувајќи дека не е воодушевен од однесувањето на својата сограѓанка, но дека нејзината постапка „не е незаконска“.

“Тоа, се разбира, е огромна опасност бидејќи општеството и особено демократијата се состојат од согласност и легитимитет. И ако политичките одлуки веќе немаат легитимитет, тогаш нема повеќе демократија. И се` повеќе луѓе почнуваат да се одвојуваат од општеството”, вели политикологот Рајнхард Хајниш за овој случај..

Еден австриски експерт смета дека случајот со кафулето за невакцинирани во Волфгангзе е многу симптоматски за растечкиот феномен на дистанцирање на многу луѓе од класичниот општествено-политички и здравствен систем.

“Верувам дека ковид-пандемијата го подели општеството, но не само општеството. Влегува во многу други пори на општествениот живот, така што на пример може да предизвика конфликти меѓу вработените во компаниите или во семејството, но и да доведе до распаѓање на пријателства“, рече Силвија Траунвизер, професор по филозофија на право на Универзитетот во Салцбург.

Австриските медиуми известуваат дека вакцинацијата против коронавирус предизвикала значителен раздор во многу општества, вклучувајќи ја и Австрија, каде што поделбата на вакцинирани и невакцинирани и сè почесто спомнуваните привилегии за вакцинираните лица придонеле за зголемениот број екстремни однесувања.