Кафе-шема од понеделник само за баби и дедовци!

Одлуката на Владата за влез во кафулиња, кафеани и ресторани само на вакцинирани ги подели и револтира граѓаните. И покрај тоа што Независната угостителска комора побара од Владата веднаш да ја укине одлуката, бидејќи е неприменлива и не може да биде испочитувана без да се нарушат повеќе човекови права и да се прекршат неколку закони. Сепак изгледа дека тоа нема да се случи, а министерот за економија преку неговиот фејсбук-профил порача дека од понеделник ќе следат засилени контроли и им порача на граѓаните „Вакцинирајте се, за да го чуваме здравјето“

3620

Не стивнуваат реакциите во јавноста за последната одлука на Владата со која се забранува посета и влез на невакцинирани лица во угостителските објекти. Епидемиолозите сметаат дека овие мерки немаат никаква логика, бидејќи нема да придонесат за намалување на бројот на заразени, а угостителите и инспекторите реагираа дека немаат право да ги легитимираат гостите и оти според Законот за заштита на лични податоци, вакво право има само службено лице или овластено лице – лекар. Од Агенцијата за заштита на лични податоци, информираа дека само со визуелната проверка на сертификатите за имунизација, не се врши повреда на Законот, но ако се задржат личните податоци за понатамошна проверка или обработка, ваквата активност излегува надвор од опсегот на Законот и се врши повреда на истиот.

Од Независната угостителска комора побара од Владата веднаш да ја укине одлуката, која е неприменлива и не може да биде испочитувана без да се нарушат повеќе човекови права, и да се прекршат неколку закони.

Оттаму информираа дека донесената мерка е неприменлива и неспроведлива од страна на угостителите без соодветна законска регулатива и продолжени и пренесени овластувања кои во моментов ги нема. Ниту т.н. нови редари, ниту кој било инспектор, ниту угостителите и вработените во угостителските објекти имаат законска можност, овластување и право да вршат проверка на лицата за нивната состојба на вакцинација со приложување потврда за извршена имунизација.

-Во моментов и покрај тоа што се вакцинирани нешто повеќе од 25 отсто од граѓани поголемиот дел од нив се со старосна граница над 60 години, кои всушност и не спаѓаат во групата на посетители и гости на угостителски објекти. Согласно анализата, која ја направи Комората, кратката теренска анкета покажа дека во моментов една третина од секојдневните гости и посетители на угостителските објекти се вакцинирани. Ова ни укажува дека од понеделник ќе станеме сведоци дека нема да има доволен број вакцинирани луѓе кои ги исполнуваат условите за посета на угостителските објекти, што само по себе ќе предизвика нови непотребни загуби и финансиски штети на угостителите, вели за ВЕЧЕР, претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.

Од друга страна, пак, угостителите реагираат дека ангажирањето на редарски служби за нив ќе биде дополнителен трошок поради тоа што ќе треба да вработат нови работници чија единствена задача ќе им биде да вршат проверка на лицата – гостите кои доаѓаат дали поседуваат сертификат за извршена имунизација. Новите вработувања само непотребно ќе ги зголемат трошоците на работењето на угостителските објекти додека приходите поради условот на посета само на одредени гости значително ќе опадне.

-Новата одлука на Владата на некој начин е и услов и уцена и за вработените во угостителската индустрија да се вакцинираат доколку сакаат да работат после 16 август. Во моментов сè уште не е јасно за статусот на угостителските работници кои не се вакцинирани и дали од понеделник кога стапува на сила новата одлука ќе смеат воопшто да се движат и работат во угостителскиот објект или доколку не се вакцинираат во меѓувреме ќе треба да го напуштат своето работно место, вели Јосифовски и додаде дека ако Владата до понеделник не ја повлече или укине одлуката со која бара воведување редарска служба, која ќе контролира дали гостите се вакцинирани, многу угостителски објекти меѓу кои и „The House“, ќе  затворат сè додека е во важност оваа одлука затоа што не постојат морални и етички услови и причини да се врши селекција на гости во однос дали истите се вакцинирани или не.

Сепак од Владата не отстапуваат од ваквата одлука и велат дека во наредните денови ќе се знае како ќе се лигитимираат лицата во рестораните и колкави ќе бидат казните.

Угостителските објекти може да бидат казнети заради непочитување на мерките во делот на бројот на гости и одржување на собири на истиот начин како и досега. Казни за гости кои немаат сертификат, а се затекнати на местото. Додека, пак, санкциите за угостителите доколку инспекторите затекнат невакциниран гостин ќе бидат исти како и досега за прекршување на мерките и протоколите за организација на настан со повеќе луѓе од дозволеното или слави и прослави.

Министерот за економија Крешник Бектеши е убеден дека на ваков начин ќе се поттикнат граѓаните да се вакцинираат и оти ќе може да се вратиме во нормала.

–Сите граѓани треба да ги почитуваат протоколите со цел бројот на заразени да се намали за да не треба да се донесуваат нови рестриктивни мерки и да не се најдеме во ситуација на целосно затворање. Ако дојде до целосно затворање на одредени сектори, ќе донесеме дополнителни економски мерки за нив, изјави Бектеши.

Како што информира министерот преку неговиот фејсбук-профил, од понеделник ќе следат засилени контроли. Затоа на граѓаните им порача „Вакцинирајте се, за да го чуваме здравјето, напиша Бектеши.

Директорката на Државниот пазарен инспекторат вели дека оваа институција располага само со 180 инспектори, а се чекаат инструкции за тоа како ќе се вршат контролите.

– Инспекторите ја немаат таа надлежност да легитимираат гости дали имаат таков сертификат, рече Анета Симеска-Димоска во својата последна изјава.

Со последните мерки за заштита и превенција од ковид-19, кои Владата ги донесе се забранува секаков тип на настани и работа на угостителски објекти на затворено од 16 август и задолжителна потврда за вакцинација, најмалку со прва доза, при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни на отворено од 15 август.

(А.С.)