Кафеанџиите бараат Владата да не си поигрува со нив, вработените не им висат на закачалка

Угостителите бараат конкретен датум за средба доколку навистина Владата има сериозни намери со петтиот сет да донесе мерки за помош и поддршка за угостителската индустрија. Тие бараат Владата да не си поигрува со нив, бидејќи како што велат вработените не им висат на закачалка и имаат потреба навреме да бидат известени за своите смени и работни обврски

378

Работното време на угостителските објекти од вчера е продолжено до 21 часот, а следната недела Владата и Комисијата за заразни болести ќе ја разгледаат можноста за негово продолжување до 23 часот. Сепак и покрај продолжување на работното време кое беше очекувано, остануваат отворени многу прашања и барања за помош и поддршка и за унифицирани протоколи за работа на угостителите.

Од Независната угостителска комора – НУК пред два дена побараа средба во Владата и ѝ дадоа рок до 25 јануари да ги усвои нивните барања за креирање посебни мерки за директна помош и поддршка на оваа индустрија. Тие остро реагираа на одлуката на Владата за помош од 162,4 милиони евра на компаниите од преработувачката индустрија, што според нив остава простор за мислење дека сите индустрии добиле поддршка и помош, а само за угостителската континуирано се носат препораки и протоколи со ограничувања за работно време. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битриќи не се согласи со нивната констатација дека угостителите досега не биле поддржани и рече дека средбата ќе се реализира доколку дозволат условите со ковид-ситуацијата.

Од НУК вчера повторно побараа конкретен датум за средба во Владата. -Наместо како одговор да добиваме „ќе” видиме и „ќе” разговараме, го замолуваме вицепремиерот Битиќи итно да го прецизира терминот за работна средба доколку навистина Владата има сериозни намери со петтиот сет да донесе мерки за разумна помош и поддршка за угостителската индустрија во рамки на возможното, велат од Комората.

Според претседателот на НУК, Здравко Јосифовски, Владата е во целост одговорна за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на корона кризата. Угостителите немаат време за чекање и за да ги сочуваат сите работни места, бараат итна одлука за продолжување на мерката субвенција на бруто-плати од почетокот на месецов со траење додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки или до завршување на пандемијата. Угостителите бараат и реализирање на нивните останати барања, директна неповратна финансиска помош – грант за сите угостители, безусловна достапност до долгорочни и бескаматни државни кредити, изедначување на ДДВ за угостителски услуги на 10 проценти на сите угостителски услуги во сите видови на угостителски објекти, како и одлагање и репрограмирање на извршни постапки врз угостителите и угостителската индустрија.

-Како и претходно така и сега Владата, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести во ниту еден момент не наоѓаат за сходно пред донесување на  која било препорака или протокол за ограничување на работното време или условите за работа на угостителите да се консултира или извести навреме за рестриктивните мерки и препораките кои ги носат. Сите информации како Комора и како угостители ги дознаваме од медиумите од кога ќе бидат донесени или усвоени. Ниеден од учесниците во донесувањето на овие мерки не разбира дека угостителската индустрија има потреба од планирање на своето работно време заради организацијата на смени и вработени кои не висат на закачалка и имаат потреба навреме да бидат известени за своите смени и работни обврски, изјави за ВЕЧЕР, Јосифовски.

Останува и барањето на угостителите за унифицирани протоколи за работа за целата индустрија со цел правилно и навремено планирање на активностите и организација на работата. Тие очекуваат Комисијата за заразни болести по налог на Владата и Министерство за здравство конечно да ги изготви овие унифицирани протоколи и да се запознаат со условите и начините на кои они го гледаат понатамошното функционирање на угостителските објекти во иднина, за време и по пандемијата ковид-19.

(А.С.)