Католичка црква: Не доаѓа личност од “Ред карпет” туку папата!

126

Детали можеби ќе бидат објавени на последната прес-конференција, доколку донаторите ни дозволат. Ни младата свршеничка не го покажува на сите својот венчален фустан, или букет, или…тие детали се секогаш по малку изненадување, а секогаш се само знак на радост и љубов кон еден човек и не би сакале тоа да ја засени вистинската љубов, која папата ја искажува со својата посета, велат од Скопската жупанија за весникот “Вечер” и додаваат – Нам не ни доаѓа личност од забавната емисија “Ред карпет”, туку вистински сведок и творец на сеопштото братство


Подготовките за пречек на папата Франциск, кој пристигнува во Скопје на 7 мај, се во полн ек, но детали се уште не се објавуваат. Од Католичката црква “Пресвето срце Исусово” за весникот “Вечер” изјавија дека протоколот е во подготовка, но дека прашањата кои писмено им ги испративме, а кои ја интересираат јавноста, како на пример со каков автомобил ќе се вози или каков подарок ќе добие, се само форма, а не содржина која, како што велат, за верниците е многу поважна.

– Нам не ни доаѓа личност од забавната емисија “Ред карпет”, туку вистински сведок и творец на сеопштото братство, изјавија од Скопската жупанија за весникот “Вечер”. Оттаму велат дека многу поважна е пораката за мир и дијалог со која доаѓа папата. Самата негова присутност во Македонија, додаваат, е многу поважна отколку превозното средство со кое ќе се движи низ Скопје или столот на која ќе седи за време на литургијата.

– Сигурно нешто и ќе му подариме на папата, но тоа е само симболично. Вистинскиот подарок е нашето отворено срце за пораката која ја носи. Тие детали можеби ќе бидат објавени на последната прес-конференција, доколку донаторите ни дозволат. Ни младата свршеничка не го покажува на сите својот венчален фустан или букет, или…тие детали се секогаш по малку изненадување, а секогаш се само знак на радост и љубов кон еден човек и не би сакале тоа да ја засени вистинската љубов која папата ја искажува со својата посета, велат од жупанијата за весникот “Вечер”.

Она што засега е познато е дека главниот настан од посетата на папата ќе се случува на градскиот плоштад во Скопје, каде што на отворено ќе се служи миса како во Ватикан, во присуство на голем број гости од државата, но и верници од регионот.

Неговата светост, папата Франциск, ќе престојува десетина часови во државава и ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со претставници на граѓанското општество и дипломатскиот кор.

Официјален домаќин на поглаварот на католичката црква ќе биде претседателот Ѓорге Иванов, на чија и покана доаѓа. Со оваа средба, Иванов практично ќе го заврши својот претседателски мандат. Од кабинетот на претседателот не откриваат детали околу посетата, освен појаснувањето дека иако на денот кога Франциск ќе биде во посета на државава ќе има избрано нов претседател, Ѓорге Иванов на функцијата ќе биде до 12 мај.

– Прифаќајќи ја поканата на Католичката црква во Македонија и на државниот врв, неговата светост папата Франциск ќе ги посети Република Македонија и главниот град Скопје на 7 мај 2019 година. Ова е официјално потврдено од канцеларијата за печат при Светиот престол во Ватикан, соопшти Католичката црква пред неколку месеци, веднаш по најавата за посетата.

Светиот отец, своето 29. апостолско патување ќе го заврши во попладневните часови на 7 мај, одржувајќи средба со свештениците, нивните семејства и верниците, а потоа ќе се врати во Рим. Според агендата од Ватикан, папата ќе пристигне во 8.15 часот, а ќе си замине во 18.30 часот. (Е.А.)