Катица се врати, навистина се врати!

Специјалната обвинителка рече дека подолг временски период до неа допираат гласови оти не само Бојан Јовановски туку и многу други лица, без да знае, го злоупотребувале нејзиното име и презиме за различни цели. Веднаш по нејзината изјава, Јанева ја напушти просторијата и не остави простор за новинарски прашања за да се расчистат дилемите и шпекулациите околу нејзината вмешаност во случајот “Рекет”

191

Најодговорно тврдам дека на ниту еден начин, ниту свесно, ниту несвесно, ниту со сторување, ниту со несторување не сум ја злоупотребила должноста која во моментов сè уште ја извршувам и јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности за случајот „Рекет“, изјави на прес-конференција во СЈО обвинителката во оставка Катица Јанева. Специјалната обвинителка рече дека подолг временски период до неа допираат гласови оти не само Бојан Јовановски туку и многу други лица, без да знае, го злоупотребувале нејзиното име и презиме за различни цели.

– Точно е дека јас, како и многу други лица кои во моментов се на различни државни функции се познаваме со лицето Бојан Јовановски. Никогаш не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ и дека заради описот на неговото работно место на дневна основа комуницира со лицето. Но ова не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност и овластување за евентуално да остварува одредени привилегии или да презема незаконити дејства, рече Јанева и додаде дека очекува транспарентна постапка за да се стави крај на сите информации со кои, како што наведе, некој се обидува да им наштети на нејзиниот углед и чест, изјави Катица Јанева.

Таа вели дека била свесна дека со преземањето на оваа функција ќе биде цел на различни напади и политички препукувања.

– Од моментот на изборот за специјален јавен обвинител, мојата професионална биографија, приватниот живот и моето семејство беа цел на постојани напади со девалвирање и инволвирањето во дневно-политичките препукувања. Не сакам да оставам погрешен впечаток. Се нафатив на функцијата специјален обвинител во тешки околности, свесна дека ќе бидам цел на напади за моја лична дискредитација, рече Јанева и додаде дека повикот да ѝ се служи на државата и да предводи исклучително професионален тим што се занимава со висока корупција каде се инволвирани највисоки државни функционери, биле сериозна чест и мнoгу голема одговорност.

Јанева ѝ се извини на јавноста што подолг период не излегла во јавноста иако, како што посочи, не ѝ било лесно да го следи јавниот линч, но не сакала да остави впечаток дека се меша во истрагата или врши притисок.

Специјалната обвинителка потсети дека веќе ја има депонирано оставката, што ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение за статусот на СЈО. Јанева рече дека со оставката потврдува дека нема никаков начин да влијае врз конечниот исход на случајот “Рекет”.

–СЈО е поголемо и позначајно од мојата сегашна функција, беше е и верувам дека ќе остане симбол на беспоштедна битка против високата корупција и криминал. Оставам во наследство десетина затворени истраги, подготвени за брзо процесирање. Тие предмети ќе ѝ дадат одговор на јавноста зошто некој со сите сили се убедуваше да го спречи мојот реизбор и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози и кредибилитетот на СЈО, заклучи Јанева во изјавата за медиумите дадена во СЈО.

Специјалната обвинителка веднаш по нејзината изјава ја напушти просторијата и не остави простор за новинарски прашања за да се расчистат дилемите и шпекулациите околу нејзината вмешаност во случајот “Рекет”.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа експресно на оваа изјава на Јанева. Портпаролот на партијата, Димче Арсовски изјави дека Јанева практично признала дека СЈО го претворила во рекетарски бизнис, а уште потрагично во моментов било што ништо сомнително не гледа ниту обвинителката Русковска, која според партијата, практично се обидувала да ги заштити.

Катица Јанева поднесе оставка на функцијата специјален јавен обвинител на 15-ти овој месец. Следниот ден отвори боледување и цела недела потоа не се појави во јавноста, сè до оваа нејзина изјава. Денеска боледувањето беше затворено, со што Јанева се врати на работа на истата позиција, на чело на СЈО.

 

Пронајден и вториот телефон на Катица

Пронајден и одземен е и вториот мобилен телефон на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, за кој се тврдеше дека е изгубен. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти дека телефонот по кој се трагаше е пронајден во понеделникот и даден на вештачење и се испитува дали овој телефон бил службен од СЈО.

– По издавање на првата наредба за одземање на мобилните телефони, беше пронајден само еден мобилен телефон и беше дадена информација дека вториот мобилен телефон бил изгубен. Обвинителството со издадено барање до мобилните оператори за следење на IMEI- меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице по што, со наредба на судија на претходна постапка, телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок, се вели во соопштението од Обвинителството.

Според некои медиуми, телефонот бил пронајден кај девојката на синот на Катица Јанева.

ЈО во понеделникот го доби извештајот од вештачењето на првиот телефон на Јанева што ѝ беше одземен во врска со истрагата за случајот „Рекет“, но, за да не се попречи истрагата, оттаму сè уште не споделуваат детали околу содржината на извештајот од вештачењето на мобилниот телефон на Јанева.

Шефицата на ЈО, Вилма Русковска викендов рече дека имаат снимки од кои се слуша и гледа дека додека осомничениот Бојан Јовановски разговарал со сведокот бизнисмен, на спикерфон бил и јавен обвинител, без да прецизира за кого станува збор.