Од 20 октомври до 3 ноември во Ликовната галерија во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе биде поставена изложбата на слики од уметницата Касиопеја Наумоска.

-Постојат уметнички дела и уметници кои маѓепсуваат уште при првата средба со нив. И секоја следна средба со нив е само уште толку интригантна и атрактивна. Со делата на Касиопеја се сретнав сосема случајно, присуствувајќи на еден друг културен настан, чинам беше книжевна промоција. Во еден амбиент на луксузен lobby bar, во тогаш единствениот гевгелиски хотел за игри на среќа. Во еден силно светнат мраморен амбиент во боја на шампањско, беа подредени скоро немарно, неколку уметнички дела. Една експлозија од бои и страст, една борба на емоции, чиниш интергалактичка борба на принципи, во еден така добро дефиниран композициски склад, вели за творештвото на Наумоска д-р Васко Шутаров.

-Поминаа и повеќе од дваесетина години од тој момент на прво и силно препознавање со уметноста на Касиопеја. Во меѓувреме, имав задоволство да го запознаам скоро севкупниот нејзин опус, да ја претставувам и пред домашна и пред странска публика, да бидам сведок на многу дела во создавање и “кум” на некои од нив. На некои, токму од овој избор за изложбата и каталогов што го имате пред Вас. Денес сум и многу посигурен зошто ја сакам Каси и нејзината уметност. Има многу “и” за тоа. И-со голема буква. Искреноста во нејзиниот пристап кон уметноста што ја твори. Играта со која владее совршено. Играта на детето во неа, со строгиот Учител над неа. Играта на освоените слободи и заробените страсти во нив. Играта на темното и светлото, на машкиот и женскиот принцип, на рационалното и ирационалното. Интегритетот на сите тие крајности, од кои пресоздава складна композиција. Импулсивноста во играта на линии и форми. Импресивноста со која ја облагородува сопствената експресија и провоцира трајни импресии кај својата публика…, вели Шутаров за творештвото на Касиопеја Наумоска.

Касиопеја Наумоска е родена во 1968 во Скопје, магистер е по Студии на културата, а дипломира на ФЛУ во Скопје. Добитник е на неколку значајни награди.