Карпош најавува новогодишно украсување, но со намалени буџетски средства

110

Во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, општина Карпош се подготвува за симболично украсување на неколку пофреквентни локации, но како што соопшти, со значително намалени буџетските средства за оваа намена.

Општинските власти информираат дека од планираните два милиони денари за новогодишно украсување во 2020, ќе се објави јавна набавка за украсување до 600 илјади денари, со можност цената при електронска аукција уште повеќе да се намали.

На овој начин, како што посочуваат, ќе заштедат најмалку 1.400.000 денари – буџетски средства кои ќе се пренаменат за дополнително опремување на воспитно – образовните установи – градинки и училишта, со прочистувачи на воздух. -На овој начин, се постигнува побезбеден престој за најмладите, но и настава за учениците особено во периодот на аерозагадување, соопшти Општината.

Општината информира дека новогодишното украсување, оваа година ќе се спроведе само на пофреквентните локации: платото на „Млечен“, платото „Делфина“ во Влае 2, платото во Карпош 3, кружниот тек на улицата „Париска“ (која граничи со улицата „Варшавска“ во Тафталиџе 1 и паркот спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Козле.

Во 2017 година за новогодишно украсување во Карпош биле потрошени 406.000 денари, а по два милиони денари во 2018 и 2019 година.

-Многу порано пред почетокот на пандемијата, општина Карпош започна со рационализација на средствата и кратење на непродуктивните буџетски трошоци. Денес, јавните набавки во Карпош се спроведуваат по многу пониски цени, а со подобар квалитет од претходниот период, соопшти Општината.