Карпош мапираше 13 критични точки за потенцијални „диви“ депонии

186

Надлежните служби во Карпош мапираа 13 локации на територија на општината каде има создадено отпад на јавни површини, што е основа за преземање мерки за нивно чистење.

Секторот за екологија и енергетска ефикасност започна со евидентирање и изготвување на листа и мапа на ѓубришта на територија на општина Карпош. Урбаните заедници пријавиле можни локации за несоодветно и несовесно одлагање на отпад на територијата на Карпош.

– При оваа акција е констатирано дека е зачестена појавата на несовесно одлагање на отпад на повеќе локации, јавни површини во општина Карпош каде што се поставени контејнери. За таа цел, изготвена е мапа на покритични ѓубришта на територија на Карпош, а и општината веќе презема превентивни и конкретни активности тие да не прераснат во депонии – наведуваат во соопштението.

Локалната самоуправа ги интензивирала инспекциските контроли, со тоа што десет службеници од урбаните заедници добиле овластување за комунални редари, со цел да се санкционираат загадувачите на терен.

Општина Карпош започна со чистење на овие критични локации. Минатата недела се исчистила депонијата во Злокуќани, кај фудбалското игралиште. Се подигнале депониите кај „Газела“ (спроти Карпош 4) и во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“. Следува чистење на депонии во близина на реката Лепенец и од другата страна на мостот „Газела“.