Карпош и Црвен Крст со активности за похумана заедница

39

По повод 17-ти март, денот кога се одбележува крводарителството во Македонија, Општина Карпош на сите вработени лица, волонтери и активисти на Црвениот крст им го честита денешниот ден, потсетувајќи дека хуманоста и солидарноста се вредности кои ги водат и нив како општина во секојдневното работење, соопштуваат од општината.

Од општината истакнуваат дека имаат континуирана соработка со Црвениот крст, која особено се интензивирала во ек на пандемијата од Ковид – 19.

– Преку заедничка акција формиравме мобилни тимови кои обезбедуваа храна и лекови за постарите лица и граѓаните во изолација; обезбедивме социјални пакети за ранливите категории на граѓани и организиравме крводарителска акција преку која беа собрани единици крв за потребите на Институтот за трансфузиона медицина- стои во соопштението од општината.

Од Општината додаваат дека во моментов, заедно со Црвениот крст работат на реализација на проектот за „Хумани патроли“ – домашни посета, основна медицинска заштита и поддршка за повозрасните карпошани и граѓаните со попреченост, а, во тек е јавниот повик за обезбедување на негователи, кои ќе бидат обучени од оваа хуманитарна организација за работа со засегнатите граѓани.