Карпош и Аеродром интересни за градење згради, а Чучер и Сопиште за хациенди

513

Скопскиот регион и натаму е најинтересното место за градење во државава. Тоа го потврдуваат и последните статистички податоци кои говорат дека од вкупно издадените 161 одобрение на ниво на цела држава, во скопските градски и приградски општини, во текот на мај годинава, биле издадени 62 дозволи и тоа подеднакво по 31 на физички лица и деловни субјекти (фирми).

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), општините Карпош (11) и Аеродром (10) водат со најмногу издадени градежни дозволи. По седум дозволи се издадени во Центар и Кисела Вода, како и во Чучер Сандево, од кои во оваа општина на падините на Скопска Црна Гора пет одобренија за градење се на приватни лица. Шест дозволи издала општина Чаир и тоа за изградба на згради за колективно домување. Во Гази Баба и Илинден се издадени по четири дозволи, потоа три во Сопиште, две во Бутел и една во Петровец.

Интересно е што Ѓорче Петров, како една од поголемите градски општини во мај не издала ниту една дозвола за градење, како впрочем и приградските општини Арачиново, Зелениково, Сарај, Студеничани и Шуто Оризари.

Вкупната предвидена вредност на овие 62 објекти за кои се издадени одобренијата за градење изнесува над 1 милијарда денари или околу 17 милиони евра.

Издадените 62 одобренија ќе опфатат изградба на 376 станови, од кои дури 176 се планирани да бидат трособни и 144 двособни. Дури 227 станови ќе се градат во Аеродром, а со четирите дозволи во Гази Баба се планирани 88 станови, во Центар се 28 и во Карпош – 20.

Боде очи податокот дека во Сопиште ќе се градат четири стана (куќи) со вкупна површина од 1.448 квадратни метри. Три од овие куќи ќе бидат петособни и една со над осум соби.

(С.Бл.)