Сагата околу еден од најдобрите кошаркари во НБА Лига, Кармело Ентони заврши, откако си најде нов клуб. Десеткратниот учесник на Ол-стар натпреварите ќе стане нов член на Портланд, кои беа во потрага по играч на крилната центарска позиција после повредата на Зек Колинс.

Ентони својот последен натпревар го одигра на 8. ноември минатата година во Хјустон, кои потоа се откажаа од неговите услуги. Некогашниот студент на Универзитетот Сиракјуз има 35 години, а во кариерата до сега настапуваше за Денвер, Њујорк и Оклахома.

Американските медиуми пренесоа дека Ентони со Портланд нема конкретен договор и тимот може да го отпушти во било кое време.

Мело најдлабока трага остави во репрезентацијата на САД, со која освои три олимписки злата, на натпреварувањето во Пекинг, Лондон и Рио де Жанеиро.

Од натпреварите кои се одиграа во НБА постигнати се следниве резултати: Кливленд – Мајами 97:108, Милвоки – Чикаго 124:115, Њу Орлеанс – ЛА Клиперс 132:127, Њујорк – Далас 106:103, Феникс – Атланта 128:112, Денвер – Бруклин 101:93.