Карлеуша за Тоше Проески: „Тој е вонземска приказна, премногу совршен за оваа планета“ – Мегапопуларната пејачка и после 14 години не го заборава својот драг колега и другар

324

Иако од тој трагичниот 16 октомври поминаа неколку дена, сè уште не стивнуваат сеќавањата на легендарниот Тоше Проески, кој почина во сообраќајна несреќа кај местото Нова Градишка. Се јави и популарната Јелена Карлеуша која со Тоше се запознава и му станува голема другарка, преку неговата менаџерка Љиљана Петровиќ со која Карлеуша пред тоа работела на Кипар и во Грција. Карлеуша открива досега непознати детали од нејзиното другарување со Тоше, но и ја кажува вистината поради која не се појавила на погреб на пејачот.
– Кога бевме млади, Тоше и јас бевме неразделни. Тој имаше 18 години, а јас 2-3 години повеќе. Двајцата снимавме албум во Атина и тоа траеше со месеци… кај познатиот грчки композитор Фивос. Секој ден, освен недела, заедно одевме во студиото. Само јас имав возачка дозвола, така што секој ден изгледаше исто: ќе станам, ќе појадувам, ќе го соберам Тоше и со опелот право во Атина.

Патот траеше околу еден час, а тој цело време пееше во автомобилот. И натаму и назад. Секој ден. Пееше без престан и во студио, во паузите за ручек, ама и кога ќе одеше во тоалет, пееше и пееше. Дури и Фивос се пошегува дека кога ќе замине од студиото после нас, нема желба да слушне ниту еден тон на музика. Тоше пееше без престан. На мојот албум „Само за твоите очи“ ги пееше придружните вокали, а се трудев да помогнам во создавање на неговиот албум, па така често ја коригирав неговата дикција во песните на српските песни, како во онаа „Мени хвала ни једном….“

Тоа беше првпат да не снима на македонски јазик. Хиперактивен, полн со сила, полн со желби… ако морам да го опишам со еден збор тогаш тоа би било среќа. Беше среќен! Онака како некој може да биде среќен на 18 години. Никогаш не слушнав такво пеење и таков талент. Таква боја, техника, емоција. Верувајте ми кога ви велам, тој беше вонземска приказна.

Премногу совршен за ова планета… Години подоцна, едно утро ме разбуди ѕвонењето на телефонот. Тоа беше Марина Туцаковиќ која ме праша дали знам што се случило. Таа со нас помина доста време во Атина и знаеше дека прва треба да ми соопшти тажна вест. Знаете, јас не бев на неговиот погреб. Немав сила да отидам, а и не можев да ги гледам оние естрадни личности кои заради поени плачеа над неговиот ковчег, а не го ни познаваа… знаете кој сè таму правеше драма…. Луѓето кои најдобро го познаваа и кои најмногу го сакаа, освен неговото семејство, немаа сила да одат на погребот. Инаку, Тоше е роден на ист ден како и мојата мајка Дивна, на 25 јануари, тажно раскажа пејачката!